Охридските љубители на филмската уметност утревечер во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид ќе може да го проследат филмот „Ив Сен –Лоран“, кој ќе биде прикажан во рамки на 7-то издание на Фестивалот на француски филм. Ова ќе биде единствениот филм кој ќе биде прикажан во Охрид како дел од годинешната програма на фестивалот. Според најавите, на проекцијата на филмот ќе присуствуваат и дел од ексклузивните гости на фестивалот.
Филмот кој е дело на режисерот на Жалил Лепер, ја раскажува приказната за животот на францускиот моден креатор Ив Сен –Лоран, кој е еден од најпознатите креатори во светската модна индустрија.
Дејството во филмот започнува во Париз во 1957 година. Само што наполнува 21 година, Ив Сен-Лоран е повикан да го преземе управувањето со престижната куќа за висока мода, основана од Кристијан Диор, кој умира непосредно пред тоа. Во текот на неговата прва триумфална модна ревија, се запознава со Пјер Берже, а тоа ќе биде средба што ќе му го промени животот. Како љубовници и деловни партнери, три години подоцна двајцата ќе се здружат и ќе ја создадат компанијата „Ив Сен-Лоран“. И покрај своите опсесии и внатрешни демони, Ив Сен-Лоран се подготвува да направи револуција во светот на модата со неговиот модерен и иконокластичен приод.
Во филмот играат актерите Пјер Нине, Гијом Галиен, Шарлот Ле Бон, а влезот за проекцијата е слободен.
Инаку годинешното издание на Фестивалот на француски филм ќе биде отворено вечерва во киното Милениум во Скопје, со проекција на филмот „Ке Д’Орсе“, на режисерот Бертран Таверние. На свеченото отворање на фестивалот, најавено е присуство на ексклузивни гости од француската кинематографија меѓу кои: режисерот Фредерик Шендорфер, композиторот Бруно Алексиу, продуцентите Фредерик Бурбулон и Ален Мајор, како и актерите Жаки Бероаје и Жозефин Де Мо.
Утре во „Кинотека Македонија“ ќе има Проекција на кракометражни филмови на Домот на визуелните дејности на Долна Нормадија, а во киното „Фросина“ ќе има проекции на филмовите „Ив Сен –Лоран“ и „Венера во крзно“ на Роман Полански.
На 20-ти јуни во „Кинотека Македонија“ ќе биде прикажан филмот „Капетан Конан“ од режисерот Бертран Таверние. Истата вечер во кино „Фросина“ ќе има проекција на краткометражниот филм „Лудата розова лимузина“ на Жозефин де Мо, филмот „Газели“ од Мона Ашаш и „Покажете го јазикот госпоѓице“ од Аксел Ропер.
На 21-ви јуни во „Кинотека Македонија“ ќе има проекција на документарниот филм „Светлината на зората“ на Жан-Кристоф Розе, а во кино „Фросина“ ќе се прикажат филмовите „Од Трње“ на Ромен Никола и „Голгота“ од Фабрис ди Велц.
Фестивалската програма ќе заврши на 22-ри јуни во киното „Фросина“ во Скопје, со свеченост за доделување на Златна маска на фестивалот и проекција на филмот „96 часа“од Фредерик Шендорфер.
OhridNews