Во недела, 16 август на градското пристаниште, познатиот охридскиот бенд „Камелеон“ ќе приреди спектакуларно музичко доживување, Езерска рок симфонија, надополнета со камерен оркестар и многу гости. Публиката настанот ќе може да го следи од Езерото на пловни објекти, со почитување на протоколите за заштита од Ковид 19.

За настанот кој со нетрпение го очекува јавноста повеќе во ексклузивниот разговор со вокалот на „Камелеон“ Драган Василески – Пајо, во кој тој открива интересни пикантерии, како и детали за новите песни на групата и идните планови.

Езерската РОК симфонија на Камелеон со хуманитарна нишка

По информациите дека повторно е потребна помош за охриѓанецот Тачо, концертот на Камелеон кој е закажан за недела ќе добие хуманитарна нишка, и во рамките на истиот ќе се собираат средства за помош на Трајан Целески- Тачо.

Во соработка со охридскиот Црвен крст ќе организираме неколку пунктови на кои ќе се собираат средства. Посебно обележани кутии ќе бидат поставени на сите бродови, како и на самиот влез на настанот. Се надеваме дека сите заедно ќе помогнеме да се спаси животот на нашиот Тачо, порачуваат организаторите.

Пред 2 години Тачо се избори со тумор на мозокот, но болеста се врати и по третата операција неговата здравствена состојба е лоша. За повторно да ја победи болеста и да прими соодветна терапија потребни се околу 20. 000 евра. Сите граѓани можат да донираат и на бројот за донации: 143 133 Т-mobile, како и на трансакционата сметка: 500600018999581 – Ристо Целески Стопанска банка АД.

Големиот концерт на групата Камелеон – Езерската РОК симфонија, кој ќе се одржи во недела, на 16-ти август на Градското пристаниште во Охрид.

Бројот на билетите е ограничен, па затоа сите кои сакаат да бидат дел од овој настан можат да го резервираат својот билет на броевите од бродовите или катамараните – брод „Армада“ 075/420-401, брод „Галеб“ 070/307-359, бродови „Александрија 1 и 2“ 077/854-758, брод „Кристина“ 078/816-766 и катамарани 078/697-031. Цената за следење на концертот од брод е 300 денари, а од катамаран 600 денари.

Најголемите хитови на Камелеон за оваа прилика ќе бидат изведени со посебни аранжмани и поддршка на Камерниот оркестар од Битола, хорот Vox Lychnidos, Ѓоко Танески, Жармена, Теодор Љушкоски, Горан Папаз и Никола Тони.

Концертот ќе се одржи согласно сите важечки протоколи за одржување на јавни настани.

Г.М.