Реката Далјан го поткопа асфалтираниот пат кој води до хотелот Далјан и Извидничкиот центар во Охрид. Поради ерозијата постои опасност реката да оштети електричен столб во Извидничкиот центар, каде се загрозени и објекти кои се во непосредна близина на нестабилното корито. Состојбата е ваква подолг период, а оштетувањата се зголемиле изминатиот месец. Според вработените се започнало по чистењето на речното корито со механизација.
За проблемот хотелот Далјан и Извидничкиот центар веднаш ги известиле надлежните институции. Иако постојано продолжиле да ги алармираат се уште не е започната неопходната санација на оштетувањата. Во моментов во двата објекти нема гости, но во месец март е најавено доаѓање на првата група на лица со хендикеп кои традиционално одмараат во овие објекти.
Од општинскиот совет за безбедност сметаат дека е потребна итна интервенција и координација на сите надлежни институции за да се спречат понатамошните оштетувања на инфраструктурата по должина на реката Далјан. Оттаму оценуваат дека тлото пред сместувачките објекти е нестабилно, но и покрај тоа таму нема никакво предупредување за граѓаните. Неодамна била поставена таква табла, но истата по извесен период ја снемало.
Г.М.