На пригодна свеченост, која поради актуелната здравствена ситуација се одржа во големата сала на Општина Охрид, со ограничено присуство, беа доделени наградата и повелбите Св. Климент Охридски – Патрон на градот за 2020 година.
Повеќе од сигурно е дека никој во милениумското битисување на Охрид, не оставил таква силна трага и влијание како Свети Климент Охридски. И после повеќе од 11 века неговото присуство чиниш може да се допре. Ние си го имаме Свети Климента – секој ден, секој час, секој миг. Да не држи поблиску до Бога, до вистината, до човекољубието. Да не поддржи кога ни е тешко, да не укори кога сме горделиви, да не награди кога сме чесни кон другите и кон себе. Ете, така охриѓани и Македонците го чествуваат и чуствуваат својот Свети Климент Охридски, истакна на свеченоста градоначалникот на Охрид Константин Георгиески.
Од многуте дела посветени на Свети Климент Охридски, дозволете ми да издвојам само една реченица, која ми се чини е најсоодветна за премрежјата низ кои денес поминуваме како генерација, а е запишана од неговите ученици – “Само од добар корен, никнува здрава фиданка“. Верувам и убеден сум дека денешната генерација Македонци, се здравите фиданки на Свети Климентовиот корен на просветлението, вистината и човекољубието и дека како такви ќе опстоиме и успешно ќе одговориме на денешните предизвици. И како народ и како држава. – рече Георгиески.
Добитник на највисокото општинско признание, наградата „Патрон на градот- Св. Климент Охридски“ за 2020 година е академик Вера Битракова- Грозданова, неуморен истражувач, универзитетски професор и еминентен научник од областа на археологијата и историјата на уметноста.
Оваа награда за мене претставува особена чест бидејќи е дар од градот Охрид, градот на Св. Климент кој е во мислите на охриѓани, во нивните души и во душата на црквите насекаде околу нас. Св. Климент во моето семејство, семејството на Цветан Грозданов, Вера Битракова и синот Климент, особено се чувствуваше сите овие 50-60 години професионално работење низ кои се проучуваше делото на Климент изразено преку црквите, фреските, иконите и историјата, врзано со сите личности кои од деветтиот до деветнаесеттиот век ја инкорпорирале личноста на Климент во своите мисли и искажувања уметнички и религиозни. – истакна академик Вера Битракова- Грозданова,
Добитници на повелбaта „Патрон на градот „Св. Климент Охридски“ се: ЈЗУ „Општа болница“ – Охрид- како главен носител на борбата со пандемијата на Ковид 19, посветеноста, стручноста и пожртвуваноста на сите вработени во оваа здраствена установа, Д-р Мимоза Влаши Хиса- специјалист по гинекологија и акушерство, раководител на Одделот за гинекологија, акушерство и неонатолошка опсервација во ЈЗУ „Општа болница“ – Охрид – заради нејзиниот ентузијазам, издржливост, посветеност кон пациентите и соработка со колегите и Проф. д-р Рубин Земон, социо – културален антрополог- долгогодишен активист во невладиниот сектор за промоција на мултикултурализмот и толеранција, на богатото културно наследство на Охрид, заштитата на
Оваа година на иницијатива на градоначалникот Георгиески, а со одлука на Советот, Општина Охрид востанови и Специјална награда, која за прв пат и се доделува на Националната установа Фестивал Охридско Лето за високи достигнувања во областа на културата во изминатите 60 години.
Годинава Охридско лето славеше јубилеј 60 години во услови на корона вирус, но успеавме да го реализираме фестивалот. Оваа награда ќе ни биде мотив да продолжиме и понатаму да ја градиме успешно приказната на Охридско лето, рече директорката на фестивалот Наташа Поповиќ.
Настанот беше емитуван во живо на официјалниот профил на градоначалникот на Општина Охрид Константин Георгиески на Фејсбук.
Г.М.