На 26ти април 2013 година Независната аматерска театарска група „Аматер“ го реализира својот прв проект – претставата „Сите мои синови“ од Артур Милер, со што е и формирана оваа Независна Аматерска Театарска Група „Аматер“ и овој датум се смета за нејзино раѓање.

Зад „Аматер“ има уште неколку премиери, како: „Генетика на кучињата“ од Венко Андоновски премиерно изведена на 16.04.2014 година на малата сцена во НУЦК „Григор Прличев“ Охрид; „Буре барут“ од Дејан Дукоски во режија на Јован Цветкоски на 01.03.2017 година првично изведена во НУЦК „Григор Приличев“ на малата сцена. За претставата „Буре барут“ е доделено и специјално признание на 53тото издание на Драмскиот аматерски фестивал во Кочани.

Потоа следува „Ти во седум бои“, режија и сценарио на Јован Цветкоски, тоа е мултимедијален проект, кој во 2019 година се реализираше како соработка помеѓу НАТГ “Аматер” и охридските уметници Емилија Колоска, Ансамбл Билјана, Никола Јосифоски, Евамарија Баткоска, Михаил Талев и Климентина Гилевска.

„Ти во седум бои” е едно ново поразлично искуство за охридската публика проткаено со доста емоции. Темата на овој спој на уметности и чувства е онаа вечната, љубовта, нејзиното раѓање, созревање, разочарување, уништување, барање надеж за да се продолжи понатаму, нејзиното умирање, па и повторно раѓање. Изведбите на овој мултимедијален проект се посветени на проф. д-р. Јован Стојаноски и Андреј Лаброски, кои на еден начин исто така беа дел од оваа приказна. Премиерно беше изведена на 13ти април во НУЦК „Григор Прличев“ во Охрид, на малата сцена. Зад сите претстави стојат повеќе изведби.

Најновата претстава премиерно изведена на 21.12.2019 година е „…Сѐ до полноќ“ (Охридска Трилогија), текст кој е адаптација на „Белградска Трилогија“ на Билјана Србљановиќ. Изведена три пати.

Во 2014 година „Аматер“ за прв пат настапува на Охридско лето на промоцијата на „Поезија – Ткаења“ од Славе Ѓорго Димоски. Истата година станува дел и од „Поетска ноќ во Велестово“ и учествува со свои настапи на поетските читања секоја година.

Во текот на оваа и наредната година кога НАТГ „Аматер“ ќе слави 10 години се подготвуваат нови проекти со кои ќе се обележи значајниот јубилеј.

Девет години независен аматерски театар „Аматер“

 

OhridNews