Денес премиерно ќе биде изведена втората претстава која за оваа година ја подготви тимот на детското драмско студио „ДрамаКидз“ со наслов „Лист, камен ножички“.
Целиот процес од почетокот го следаа 21 член, деца-актери на возраст од 9-14 години од сите училишта во градот. Автори на претставата се режисерот Ирена Стеријовска и драматургот Кристина Тодорска Петреска.
Ова е претставата која за разлика од претходната многу е потешка, во суштина работена со сериозни театарски методи. Многу е возбудливо што овие мали деца што во суштина мислиш дека си играат во училишен двор и реално тоа им е животот, дека можат буквално како војска да направат една ваква претстава. Принципот на „ДрамаКидз“ како студио е дека прво почнуваме од игра. Оваа претстава е на база на играта лист, камен, ножички. Но, во основа се работи за претстава која ја коментира подделеноста во сите општества и мислам дека е супер шанса на оваа возраст децата да почнат да размислуваат за тоа што е заедништво, слога и што добиваме од карање, а што губиме, вели режисерката Стеријовска.
Драматургот Тодорска Петреска истакна дека се особено горди на оваа поставка на деца кои со брзи чекори прескокнале неколку скалила во театарскиот занает.
Овде владее една неверојатна дисциплина. Во младите има огромен потенцијал, сакаат да работат и некој да ги води. Од ова водство горда сум што произлезе оваа претстава во која децата испраќаат моќна порака за тоа каде се наоѓа нашиот свет, особено нашето поднебје. Приказната ја влечевме од нешто што ни е многу познато на Балканот. Ирена направи маестрално дело со многу малку ресурси што е многу важно за децата да го сакаат театарот, додава Тодорска Петреска.
Претставата „Лист, камен ножички“ премиерно ќе биде изведена вечерва со почеток во 19 часот во НУ Центар за култура „Григор Прличев“.
Инаку, „ДрамаКидз“ работи повеќе од една година во состав на охридскиот Центар за култура.
Н.С.Ј.
Фото/видео. Б. Стојаноски