По повеќе од седум месеци интензивна работа, се затвора Ковид центарот во Специјализираната болница за кардиоваскуларни заболувања „Св. Стефан“ во Охрид. Одделот последен го напушти 40-годишен пациент од охридско, чиј живот беше спасен од тимот лекари на болницата. Тој бил примен со исклучително тешка клиничка слика, со пропратни болести и минал десетина дена на инвазивна механичка вентилација. Тој е еден од малкумината пациенти во нашата земја, кој успешно е излекуван од Ковид, а бил приклучен  на респиратор. На огромно задоволство на сите тој денес во добра општа состојба му се враќа на животот и семејството.

Блузу 300 пациенти кои се лекуваа во ковид одделот во Специјализираната болница за кардиоваскуларни заболувања беа со исклучитено тешка клиничка слика, велат од здравствената установа, која, благодарение на големиот професионализам на вработените во колективот и добрата организација, се справи со предизвикот кој го наметна пандемијата.

Ковид одделот во оваа болница брзо се етаблира во Југозападниот регион на државата, како место каде се упатуваат најтешките и најкомплексни пациенти, од кои многу голем број имаа потреба од механичка вентилација. Благодарение на несебичниот ангажман на медицинскиот кадар кој е секојдневно, независно од Ковид 19, вклучен во лекување на најтешки пациенти и е добро упатен во работата во Единица за Интензивна нега и ургентни состојби, одлични се и резултатите во третманот на ковид пациенти. Речиси сите хоспитализирани пациенти беа на кислородна подршка, а околу 10% од нив имаа потреба од неинвазивна механичка вентилација. Шестимина беа интубирани и поставени на инвазивна механичка вентилација, а двајца од нив успешно го завршија лекувањето, благодарение на тимот лекари составен од  искусен анестезиолог, интернисти и кардиолози кои беа вклучени во 24 часовна грижа за ковид пациентите. – информираат од Специјализираната болница за кардиоваскуларни заболувања Охрид.

Лекарите и раководството на болницата се свесни за последиците што ги предизвика коронавирусот, не само од медицински аспект, и се надеваат дека ваква здравствена криза нема да се повтори.

Голема е сатисфакцијата за секој спасен живот, но и траумите од изгубените битки ќе траат уште долго. Се надеваме дека овој простор, кој сега повторно ќе ја добие својата вообичаена намена, во служба на кардиоваскуларните болни, веќе никогаш нема да биде пренаменуван под вакви околности. – велат од болницата.

Специјализираната болница за кардиоваскуларни заболувања Охрид е позитивен пример за извонредна организираност, што се покажа во актуелната ковид криза, дотолку повеќе што дел од медицинскиот и немедицински персонал беше зафатен од болеста која максимално го оптовари здравствениот систем. Позитивната приказна, пак, на 40-годишниот охриѓанец кој беше приклучен на респиратор и ја победи болеста, ја потврдува високата стручност на медицинскиот персонал во оваа болница, што заслужува честитки и поддршка.

Г.М.