Македонската кошарка остана без својот великан Благоја Георгиески-Буштур кој доцна синоќа загина во сообраќајна несреќа која се случи во Скопје. Министерството за внатрашни работи (МВР) работи на целосно расветлување на случајот, а првите впечатоци се дека Буштур изгубил контрола на автомобилот поради неприлагодена брзина и влажен коловоз. Не се исклучува можност некој му го пресекол патот па морал да маневрира со возилото, што пак довело истото да изгуби контрола.
Благоја Георгиевски е роден на 15. октомври во Скопје. Најголем дел од својата играчка кариера ја помина во Работнички, клуб со кој се натпреваруваше во Првата југословенска кошаркарска лија. Во сезоната 1975/76 популарниот Буштур, заедно со Работнички, стигна и до полуфиналето на Купот на победниците на Куповите.
Георгиевски беше и член на младинската репрезентација на Југославија. А со таа селекција, предводена од Лазар Лечиќ, Буштур ја освои Балканијадата во Ријека одржана во 1970 година. За време на младинското Европско првенство во Атина, нашиот кошаркарски великан го освои четвртото место.
Во 1971 година, беше дел од југословенската сениорска репрезентација која настапи на ЕП во Западна Германија, каде се закити со сребреното одличје.
Георгиевски беше учесник и на Летните Олимписки Игри во 1976 година кои се одржаа во Монтреал. Како составен дел на популарните „сини“, Буштур стигна до олимпиското сребро, што е најголемиот резултат на еден македонски кошаркар во историјата на овој спорт.
OhridNews
Извор: Инфомакс