Прекрасното зајдисонце, езерото, планините, Канео, беа пресудни за младите Џони и Луси, Англичани кои живеат и работат во Лондон, се одлучат својата долгогодишна љубов ја крунисаат со венчавка на брегот на Охридското езеро.

фото: Two clicks – Bitola

Идејата доаѓа сосема случајно, на патувањето на Луси во Охрид, непосредно по веридбата со Џони. Штом пристигнува во Охрид, Луси знае дека тоа е местото на кое сака да ги покани своите пријатели и роднини за прослава на најубавиот момент во нејзиниот живот. Единствено, треба да се „убеди“ Џони дека тоа е вистинската локација.

– Некој кажа треба да го посетите Охрид, многу е убаво и јас реков добро. Кога стигнавме со пријателката се воодушевивме и помисливме – како тоа никој не слушнал за ова место? Толку е убаво, луѓето се гостопримливи, има многу нешта кои можат да се направат. И затоа што доаѓањето беше по веридбата помислив овде може да се организира навистина прекрасна венчавка. Па така му се јавив на Џони и реков: најдов прекрасно место, а тој одговори: Не се шегувај! Му велам: те молам види го Охрид и ако кажеш не, добро, нема да го спомнам повторно, раскажува Луси.

Веднаш потоа започнуваат подготовките кои одат до перфекција. Џони кој работи со компјутери, изработува интернет страна на која става прекрасни фотографии и снимки од Охрид, со бројни информации за местата кои можат да се посетат, забава, сместување, превоз…Тоа е и клучното поканатите гости од целиот свет веднаш да кажат: Доаѓаме!

– Имаме 160 гости од Австралија, Дубаи, Сингапур, Германија, од различни делови на Англија. Кога ги поканавме најголемиот број од нив никогаш не слушнале за Охрид. Откако Џони ја направи и интернет страната и им ја пративме, во рок од 24 часа сите одговорија: Прекрасно, доаѓаме!, вели Џони.

Како започнува љубовната приказна на 32-годишните Луси и Џони?

Се запознавме пред 14 години, на подиумот за играње во клуб на Универзитетот на кој студиравме. Подоцна, како и околу 20 наши пријатели се доселивме во Лондон. Во почетокот не бевме во романтична врска, бевме само пријатели, многу добри пријатели. Бевме на работни места кои ги мразевме и беше многу досадно и преку целиот ден се допишувавме, праќавме мејлови и така пријателството премина во љубовна врска, вели Луси.

Венчавката се одржа минатиот викенд во дворот на црквата Свети Јован-Канео каде брачниот пар доби благослов од свештеникот, а еден од присутните пријатели беше задолжен да го изврши венчавањето.
Следуваше забава на плажата Канео, со избрана музика и бенд кој ги забавуваше гостите и кој специјално за таа прилика ја подготви познатата песна на Џони Кеш „You are my sunshine“, но овој пат со стихови напишани од брачниот пар.

Дел од прославата беше и забавата организирана на бродот „Галеб“ што се одржа наредниот ден по венчавката.

– Во некои земји кога ќе одиш по улица те повикуваат дојди во мојот ресторан, што е заморно. Овде се е релаксирано, луѓето се пријателски расположени, помагаат и затоа е убаво. Гостите веќе предложија во Охрид да се собереме повторно за нашиот 40-ти роденден, со насмевка раскажува брачниот пар Ewles.

Она што е сигурно е дека Луси и Џони ќе доаѓаат секоја година во Охрид, затоа што градот кој до скоро не го знаеја, сега е нивната најомилена локација и место кое ја одбележа нивната љубов.

Фото галерија:

Т.К./А.М./Г.М.
фото: Two clicks – Bitola