Стотици вреќи со најразличен цврст отпад беа подигнати од парковите и шумичките во нашето непосредно опкружување во акцијата „Чиста и Европска Македонија“ што денеска заеднички ја органзираат владата, општините и невладината организација „Денот на дрвото“.


Потребно е да се зголеми колективната свест кај граѓаните дека треба повеќе да се заштитува животната средина, истакна министерот за финансии, Трајко Славески, кој денеска се придружи во акцијата за чистење на  Охрид. Утре започнува примената на новиот Закон за јавна чистота кој предвидува строги санкции за граѓаните кои нема да ја чуваат животната средина, но многу е побитно да се зголеми јавната свест кај граѓаните дека животната околина треба да се чува и чисти, истакна Славески.


Колективната свест за заштита на природата треба да се зголеми
– министерот Славески и пратеникот Грозданов

Во акцијата која се спроведуваше на повеќе пунктови во охридско вклучени се јавното комунално претпријатие од Охрид, Македонија пат и НП Галичица, како и граѓани, невладини организации и ученици.

Се чисти патниот правец Св. Наум Охрид, влезовите на Охрид, патниот правец Лескоец-Буково,  како и дивите депонии на патот кон Велестово, Коњско, и парк шумата „Билјанини извори“, информираше директорот на ЈП „Охридски Комуналец“ Боро Павловски.  

Иако акцијата во Охрид успешно се спроведува, изостана помасовно учество на граѓаните, што можеби се должи на поклопувањето на акцијата со празникот Рожденство на Пресвета Богородица (Мала Богородица) кон кој во охридско постои посебен култ.


Ohridnews