Американскиот актер Харисон Форд е полесно повреден во несреќа што се случила вчера при пад на помал авион на голф терен во предградието на Лос Анџелес. Седумдесет и двегодишниот Форд лично управувал со авионот за обука на пилоти, којшто се употребувал уште од Втората светска војна. Авионот удрил во дрво додека се обидувал принудно да слета. Се срушил на голф терен во близина на аеродромот во Мар Виста, веднаш по полетувањето од аеродромот Санта Моника.

„Харисон летал со стар авион од Втората светска војна којшто по полетувањето имал проблеми со моторот. Немал друг избор освен итно да слета што било направено безбедно. Малку е повреден и во болница доби медицинска помош. Повредите не се опасни по живот и очекуваме потполно да се опорави“, изјави Ина Трециокас, задолжена за односи со јавност на актерот.

„Неговиот син на твитер напиша дека неговиот татко е во ред. „Испотепан е, но во ред е! Тој навистина е човек каков што мислите дека е. Тој е неверојатно силен човек!“, напиша неговиот син.

Портпаролот на националниот одбор за безбедност во сообраќајот рече дека пилотот веднаш по полетувањето пријавил проблеми со моторот, но агенцијата ќе спроведе истрага за да се утврди причината за несреќата.

На актерот веднаш му помогнале случајни минувачи, а потоа стигнала и брза помош и го пренесла во болница. Интернет страницата ТМЗ која го следи животот на познатите пренесува дека Форд имал исекотини по главата и дека многу крварел.

Форд е најпознат по улогата на археологот авантурист Индијана Џонс во истоимениот серијал на филмови и по улогата на Хан Соло во серијата „Војна на ѕвездите“. Тој е искусен пилот, а вчерашната несреќа не е единствена несреќа којашто му се има случено. Во 1990 година имаше несреќа со хеликоптер, а минатата година ја скрши ногата на снимањето на седмото продолжение на „Војна на ѕвездите“.

OhridNews

Извор:„Макфакс“