Италијанска Рома, англиските премиерлигаши Манчестер Јунајтед и Арсенал и Виљареал се екипите кои обезбедија пласман во 1/2 финалето во Лигата на Европа. Познати се и двојките. Рома силите ќе ги одмери со Манчестер Јунајтед, а Арсенал ќе се судри со Виљареал. 

Виљареал билетот за прогрес во топ 4 го чекираше со две победи над Динамо Загреб, каде настапуваат македонските репрезентативци Аријан Адеми и Стефан Ристовски. „Модрите“ после елиминацијата на Тотенхем немаа сила за нова сензација. На домашен терен изгубија 1-0, а вчеравечер, во Шпанија, претрпеа пораз 2-1.

Реванш натпреварите во четвртфиналето ги одбележа Арсенал. „Топчиите“ како брз воз го прегазија составот на Славија Прага со 4-0 и обезбедија влез во полуфиналето. Чесите, на „Емирати“, извлекоа позитивен резултат, ремизирајќи 1-1, но сето тоа влеа лажна надеж за реваншот, кој наликуваше на игра мачка и глушец.

Рома на домашен терен ремизираше 1-1 со Ајакс и благодарание на триумфот во Холандија 2-1 влезе во полуфиналето. Фаворитот за титулата Манчестер Јунајтед со нов триумф од 2-0 и со вкупен резултат 4-0 ја реши Гранада.

  • Резултати:

Рома – Ајакс 1-1 (2-1)

Манчестер Јунајтед – Гранада 2-0 (2-0)

Славија Прага – Арсенал 0-4 (1-1)

Виљареал – Динамо Загреб 2-1 (1-0)

  • Двојки 1/2 финале:

Виљареал – Арсенал

Манчестер Јунајтед – Рома

OhridNews