Во Вевчани деновиве се привршуваат последните подготовки за претстојниот Вевчански карневал, една од најголемите културни знаменитости во Македонија која од 12-ти до 14-ти јануари го претвора ова место во голема отворена театарска сцена за единствениот спој меѓу паганскиот и современиот начин на прослава. Благодарение на вевчанските василичари, уникатните маски кои за овој настан се подготвуваат во текот на целата година, нивната специфична порака и надалеку познатата вевчанска гостопримливост, живее вековната традиција на карневалот познат ширум светот по неговата архаичност и уникатност.

За време на манифестацијата се очекува карневалско дефиле со повеќе од 1.000 маски. За време на овие денови, Вевчани е подготвено да пречека околу 10.000 посетители кои покрај уникатната карневалска поворка, ќе имаат прилика да уживаат и во дводневната дополнителна програма, музички концерти и уметничка изложба, велат од општина Вевчани.

Програмата официјално започнува во сабота, на 12-ти јануари со изложбата на уметнички фотографии „Маски и асоцијации“ од авторот Анастас Ќушкоски и продолжува вечерта со забавниот дел од музичката програма која ја предводи македонскиот музички великан, групата Арханген чиј врвен музички квалитет е константа низ повеќе од три децении. Во оваа прилика Вевчани ќе биде домаќин и на регионалната музичка легенда Ненад Милосављевиќ познат како Неша Галија, фронтменот на славната група „Галија“ која со 40-годишната дискографска кариера остави неизбришлив музички белег на просторот на поранешна Југославија. Музичката програма оваа вечер ќе биде отворена со настапот на рок групата Културно Уметнички Работници, а за позитивната енергија во завршницата на првиот карневалски ден ќе се погрижи Диџеј Рутбој.

Во недела, на 13-ти јануари, попладнето е традиционално резервирано за карневалската поворка на која вевчанските василичари за прв пат ќе ги претстават годинашните маски, кои сѐ до тој момент се чуваат во најголема тајност. Вечерта пак, во пресрет на дочекот на Новата година по стариот календар, посетителите ќе имаат прилика да уживаат и во настапите на групата Баклава Кате и Нели ти реков, како и Џубокс Бенд и Оркестарот зурли и тапани Вевчани.

Карневалот во Вевчани е една од најпознатите карневалски манифестации на Балканот со единствена симболика и традиција која се негува повеќе од неверојатни 14 века и кој според своите специфични особини се одвојува од останатите во светот поради неговата архаичност, исконска традиција, таинственост и уникатни маски.

OhridNews