Вевчанскиот карневал со својата автентичност, старост и вековна традиција привлекува интерес и кај домашната и кај странската јавност. Тоа го покажа и присуството на многубројните медиумски екипи од земјава и надвор од неа. Меѓу присутните во Вевчани е Вретакос Александрос, фотограф од Грција, кој осум години ги следи карневалските случувања.

Тој направил околу 60.000 фотографии, а дел од своето творештво годинава го претстави на изложба.

Јас сум фотограф, но првите мои размислувања се да го живеам карневалот, па потоа да дојдат фотографиите. Овие осум години запознав многу луѓе тука и тие ми помогнаа да влезам на карневалот, бидејќи карневалот не е само парадата што ја гледате, туку има еден ден пред и еден ден потоа. Карневалот е жив и преку ноќ, изјави Александрос.

Тој посочува дека преку фотографиите го забележувал карневалот надвор од дефилето и она што сите не го гледаат, допирајќи во душата на манифестацијата.

Како да сме на некој филм кој го гледаме и малку да ја допрам душата на карневалот и да ја почувствувам. Она што ми се допаѓа во Вевчани е огромниот број луѓе, како и автентичноста, која е тешко да се задржи во оваа ера на променлив свет. Сите почнуваме да стануваме исти, а Вевчани ја држи својата автентичност и ја гледа иднината преку својата традиција, смета Александрос.

Грчкиот фотограф, кој по професија бил професор по физичко воспитување, одлично говори српски јазик, што дополнително му ја олеснува комуникацијата со локалното население кажа дека изминатите осум години криел за случувањата во Вевчани, за како што рече, да може во мир да работи. Годинава подготвил изложба со фотографии направени во изминатите години и за тоа информирал на социјалните мрежи, при што пројавил интерес кај неговите колеги и неколкумина дошле од Грција да ја почуствуваат магијата во Вевчани. Педесеттина негови фотографии деновиве се изложени во Мултифункционалниот центар во Вевчани.

За постоењето на Вевчанскиот карневал, туризмологот Александра Велкоска посочи дека археолошки податоци укажувале за старост од 2.200 години.

Вевчанскиот карневал е постар од 1.400 години за што има пишани податоци, но се верува дека е стар колку и селото. Археолошки податоци упатуваат и на старост од 2.200 години. Ова е долговековна традиција која Вевчани ја задржало автентично онака како што било и во минатото, појасни Велкоска.

Вевчанскиот карневал завршува попладнево со традиционалното палење на маските што симболизира уништување на злото и Новата година да почне чиста и бериќетна.

OhridNews