Изложбата на четвртата меѓународна ликовна колонија „Вевчански видувања” беше отворена деновиве во Куќата на Уранија. Оваа изложба се случува во рамки на научно -уметничката визита на МАНУ во Охрид која започна на 24-ти јули, а ќе трае до 7-ми август.
На отворањето до присутните љубители на уметноста се обрати академик Глигор Чемерски кој ги сподели своите лични впечатоци од стекнатото искуство како учесник во колонијата.
„Кога пред некоја година стигнав за првпат во Вевчани бев буквално маѓепсан од едно двојно чувство:дека природната тука е силна, дека ги омамува сите наши сетила, но на некој помирлив начин што ја одликува питомината. Недалеку од Охридското езеро, од древниот Охрид и древната Струга, Вевчани е кренато на карпест терен на подножјето на планината Јабланица , а воедно Вевчани е некогашна станица на римскиот пат Виа Игнација. Среде раскошни шуми и врутоци, вода и пенливи извори, Вевчанци живеат во музиката на грагорот.”
Академик Чемерски дополни дека оваа колонија е вистински благородна идеја со искрена љубов кон уметноста и оние кои се занимаваат со неа. Делата кои се презентирани тука, може и заслужуваат да се изложат во било која европска или светска галерија, вели Чемерски, што доволно зборува за величината на оваа замисла која започна случајно, но со голема љубов успеа да премине во традиција.
Претседателот на МАНУ, академик Владо Камбовски го истакна задоволството од соработката со вевчанската ликовна колонија, а уште повеќе изненаденоста од прагматичниот дух на Вевчанци кои пред околу три месеци изразиле потреба и во Вевчани да се отвори научно- книжовен центар на МАНУ. Според зборовите на академик Камбовски, овој истражувачки центар ќе се занимава со истражување на селото и руралниот развој во Македонија.
За ендемичната убавина на Вевчани, неговата автохтоност и автентичност зборуваше новинарот и публицист, Мишо Китановски од Вевчани.
„Топосот Вевчани е македонски духовен трезор во кој од памтивек се негуваат, чуваат и на дело се покажуваат слободоумноста, храброста, достоинството и македонскиот национален идентитет. Инспирирани од убавината на Вевчани, македонските и странските сликари во своите дела го насликаа и истакнаа вишнеењето на вевчанската духовна вертикала.“
Изложбата се состои од 31 слика селектирани од четирите изминати меѓународни ликовни колонии кои се одржуваат традиционално во Вевчани две недели во периодот од 26-ти јуни до 10-ти јули. Во колонијата учествуваат 40-тина македонски и странски автори од кои голем дел учествувале и по неколку пати. Меѓу македонските автори – учесници може да се набројат голем број етаблирани уметници меѓу кои Глигор Чемерски, Славко Упевче, Трајче Јанчевски, Илија Кавкалески, Доне Миљановски, Јулијана Гешоска, Емил Шулајковски , Симон Шемов, Милош Коџоман, Решат Амети, Владимир Темков и други. Сликите се работени во различни техники, правци и стилови со најразлични мотиви, а од изложените дела најбројни се оние работени во техниката масло на платно, акварел и комбинирани техники.
Овој проект се реализира со заеднички заложби на фондацијата за стратешки истражувања „Киро Глигоров” и ДОО „Виа Вевчани“. Досега изложбата била поставена во Подгорица и СОфија, а во земјава во Скопје, Неготино, Струмица и Кавадарци. Во Куќата на Уранија изложбата може да се посети до петок, 9-ти август, додека во сабота ќе биде поставена изложбата на уметникот Фехим Хусковиќ која ќе биде отворена во 20 часот после промоцијата на двете нови книги од академик Катица Ќулавкова.
Ивана Чичоска