На 13 јануари годинава во општина Вевчани ќе се одржи традиционалниот „Вевчански карневал“, еден од најголемите и најуникатни културни настани во Македонија кој го слави доаѓањето на Новата година, според стариот грегоријански календар.
Секоја година карневалот е уникатен и посебен. Селските улици додека трае манифестацијата се подвижна галерија на слики. Различни вампири, поинакви младенци, актуелни политички и животни ситуации, чудни животни, ликови од фантазиите…
Иако e зима и ниски температури, сепак, манифестацијата од година во година добива се поголема масовност, но и верна публика која успешно се вклопува во паганската атмосфера на бркање на лошите духови во и околу нас.
Овие денови, секоја куќа во Вевчани е отворена за секого. Топла ракија, вино, колбаси, насмевка, шеги, мајтапења, едноставно, позитивна енергија и за гостите и за домаќините. За вевчанци, Новата година доаѓа на 14 јануари, а тоа мора да го прифатат и нивните гости. Сите заедно го слават празникот „Свети Василиј“, заштитиникот на василичарите и на Вевчани и одат на гости кај оние кои го носат името на светецот. И кашаникот со паричка е дел од традиционалните обичаи.
Деновиве таму се негува слободата, демократијата и традицијата, но се збогатува културната и туристичката понуда на Македонија. Токму поради тоа, Карневалот Секретаријатот за европски прашања годинава ќе и ја додели првата награда на општина Вевчани поради негување и промоција на европските вредности, како дел од кампањата „На патот кон Европа-тргни од себе“.
Од 1993 година, Вевчани е член на Здружението на европски карневалски градови, а годинава првпат ќе биде збогатен и со семинар за развој на туризмот.
А.Р.