Во духот на 15-вековната традиција, Вевчани пулсира во знакот на карневалот. Инспирирани од секојдневните случувања во земјава и во странство, но и од политичката состојба изминатава година василичарите почнаа да излегуваат по улиците, движејќи се кон излезот на селото, од каде треба да почне дефилето.
Вевчанскиот карневал ја има задржано онаа фукција првична уште од започнувањето на карневалите. Значи тој е медиум каде што ќе ја искритикува власта. Тоа што се случувало негативно во целата година, од тоа што не е задоволен самиот народ. Начинот на кој се критикува власта, се тоа како не треба да биде поставена една власт кон своите граѓани ќе го видите прикажано низ вевчанските маски. Имам кажано дека ако видите грубост, пораката е да не бидете груби, ако видите вулгарност, пораката е да не бидете вулгарни, едноставно како на филмска лента ви поминува она што за граѓаните е негативно практикувана власт. Секој што ќе го гледа карневалот може да си рече „зарем навистина вакви сме биле“ и за наредната година да може да се корегира, вели градоначалникот на Вевчани, Спасе Кочовски.
На Карневалот присустува и лидерот на ВМРО – ДПМНЕ Христијан Мицкоски кој рече дека во Вевчани се продолжува традицијата со Вевчанскиот карневал, забележувајќи дека годинашното карневалско издание се одржува без поддршка од Министерството за култура.
Ова е прва година кога Министерството за култура за жал обезбеди дури нула денари за одржување на оваа традиционална манифестација. Градоначалникот и Општината покажуваат вонсериски напори да се справат со предизвиците, кои не само што ги носат економската и енергетската криза, туку и власта во Македонија, односно Владата на ДУИ поддржана од СДСМ, изјави Мицкоски пред почетокот на дефилето.
Вевчанци, но и гостите со нетрпение очекуваат да видат што ќе го отслика годинашното карневалско издание.
Во Вевчани се присутни бројни странски медиуми, а меѓу нив и фотографот Герен Смит од Амстердам. Вели за карневалот дознал преку фотографии, а е воодушевен од гостопримството.
Сите се толку гостопримливи, се чувствува топлата атмосфера и возбудливоста. Немам идеја што да очекувам. Минатата година бев на карневал во јужна Америка, каде ми кажаа дека има карневал и овде. Видов фотографии и бев пријатно изненаден колку е единствено и уникатно оваа карневалско случување и со толку долга традиција. И во пандемијата ја продолжи традицијата со континуитетот на одржување. Токму затоа и дојдов, рече Смит.
Преку маските вевчанци испраќаат силни пораки да биде годината бериќетна, да има среќа, здравје. Се верува дека преку маските Василичарите го бркаат злото и прочистени ќе ја дочекаат Новата година, според Јулијанскиот календар.
Енергетската и економската криза, војната во Украина, евроинтегративниот процес, спорот со соседна Бугарија и изградбата на автопатот Кичево – Охрид, беа дел од маските кои продефилираа денеска на Вевчанскиот карневал.
Покрај традиционалните зет и невеста, ѓаволи и глупави августи, досетливите вевчанци не заборавија да се пошегуваат и на сметка на премиерот Димитар Ковачевски и министерката за одбрана Славјанка Петровска (Стани Цаци да те види сала), потсетија на коруптивни скандали. Дел од дефилето беше и претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел со Францускиот предлог, антикорупционери, активисти на Анима мунди, кралицата Елизабета, доктор Жан Митрев, готвачот Нусрет, фудбалерот Меси, Мањифико со бендот…
По Василичарското оро, зетот и невестата од двете маала ќе ги посетат домовите на вевчанци со благослов за здравје и бериќет во Новата година. Ноќта пак, придружувани од останатите соселани, одат на Вевчанските извори од каде полнат вода со која прават кашаник (зелник) во кој се става паричка. Кај тој што ќе се падне паричката се верува дека ќе биде среќен и бериќетен во текот на целата година. Следниот ден, на 14 јануари, на верскиот празник Свети Василиј одат на имендени или по вевчански визити во семејствата каде го има името на светецот. Доцна попладнето во центарот на Вевчани се собираат сите василичари, повторно играат оро и ги палат маските со симболика дека злото нема да се повотри.
Новата година, според Јулијанскиот календар, ќе биде дочекана вечер со спектакуларен огномет во центарот на Вевчани, а присутните ќе ги забавуваат Баклава, Банда Ентопика од Грција, Нино Величковски и Кумановските тамбураши, Некст Тајм и Перо Бели.
Н.С.Ј.