Триесеттина познати уметници од земјава и странство во наредните две недели ќе творат во живописното Вевчани. Тие се дел од 13 ликовна колонија „Вевчански видувања“, која свечено беше отворена синоќа во ресторанот „Виа игнација“.

И оваа година во соработка со „Шпаркасе банка“ го организираме проектот за млади и талентирани сликари. На конкурс беа избрани 10 млади уметници кои заедно со нивните повозрасни колеги ќе учат и творат во Вевчани. Новина оваа година е соработката со Американската амбасада во Македонија во рамки на која гостин на колонијата ќе биде професорка од Универзитетот во Минесота која ќе биде дел од Детската ликовна школа што ќе се одржи трета година. Околу шеесеттина дечиња се пријавени и ќе работат на работилници во „Виа игнација“, ќе ја запознаат уметноста и ќе ја засакаат, така што полека Вевчани и „Виа игнација“ стануваат храм на уметноста, изјави Ефимија Угриноска Кукоска, организатор на колонијата.

Тодор Јовановски, македонски уметник кој живее во Србија, прв пат учествува на „Вевчански видувања“. Одушевен е од Вевчани, архитектурата и природата.

Неверојатно е колку е убаво, инспиративно и колку има да се слика, вели Јовановски кому оваа му е 196 ликовна колонија на која учествувал до сега.

Познатиот ликовен уметник од Македонија и редовен учесник на колонијата во Вевчани, Петар Попчев, освен од убавината, одушевен е и од луѓето од Вевчани.

Вевчани го прават луѓето, нивната динамика, чесност, нивниот однос кон нас кој е прекрасен. Така и се чувствувам овде, прекрасно, топло. – истакнува Попчев.

На 13. Меѓународна ликовна колонија „Вевчански видувања 2024“ што од 22 јуни до 6 јули ќе се одржува во ресторанот „Виа игнација“ во Вевчани учествуваат: Доне Милјаноски, Зоран Јакимоски, Томе Мишев, Синиша Кашавелски, Петар Попчев, Данчо Ордев, Владимир Темков, Трајче Блажевски, Ангел Миов, Фехим Хушковиќ, Глигор Васков, Ване Костуринов, Љупка Василева од Македонија, Далас Атент и Робин Шварцман од САД, Нина Русева од Бугарија, Кристоф Бартник и Барбара Бартник од Полска, Миролјуб Сретеновиќ, Миливоје Штуловиќ, Ивана Живиќ, Даниела Радовиќ Хес, Каќа Ѓорѓевиќ, Ѓорѓе Станиќ, Тодор Јовановски од Србија и Самела Белјази од Албанија.

Колонијата ја отвори професорот Александар Спасеноски, дел од организацијата, кој го истакна значењето на овој културен настан кој ги надминува границите на Македонија

Во следните две недели имаме чест да бидеме домаќини на уметници од целиот свет. Ова е вистиски доказ како функционира универзалниот јазик на уметноста. Меѓународната ликовна колонија „Вевчански видувања“ овие години прерасна во еден од најзначајните настани во нашиот културен календар поттикнувајќи креативност, соработка и културна размена. И оваа година тоа не е исклучок, бидејќи повторно обезбедуваме платформа за уметниците да создаваат и да инспирираат. Нашата колонија продолжува да биде просторот во кој учесниците ќе можат слободно да ја истражуваат својата креативност и да ги споделуваат своите визии за светот. Со нетрпение ги очекуваме креативните и инспиративните дела кои ќе произлезат од рацете на учесниците на колонијата, истакна проф. Спасеноски.

Отворањето на колонијата беше збогатено со музички перформанс на дела за флејта и пијано, како и изложба на најдобрите дела на македонските сликари од претходните колонии.

Свечено отворена 13 ликовна колонија „Вевчански видувања“

Г.М.
Фото: Бобан Стојаноски