Вевчани ги одбројува последните часови до почетокот на карневалот што традиционално се одржува во пресрет на Стара Нова година и празникот Василица.
И оваа година се очекува на карневалот да продефилираат повеќе стотини маскирани лица. Покрај традиционални маски – Невеста и Зетот, глупавиот Август и Музичарите, неизбежни се и маските за кои карневалските групи на оригинален начин инспирација црпат од нашето секојдневие.


Невестата и Зетот

Во пресрет на карневалот денеска во Вевчани ќе биде отворена ликовна изложба на тема Карневал-маски од авторите Никола Угриноски и Симон Лешоски, а потоа ќе биде изведен концерт на КУД „Дримкол“ со гости од Украина.


Групна маска – „Топаловиќи“

Карневалот официјално ќе почне утре  со прием кај градоначалникот на Вевчани, Васил Радиноски и со василичарска веселба. Карневалското дефиле традиционално ќе се случува на вевчанските улици, кои стануваат отворена сцена за парада на маски кои карневалските групи ги подготвуваат некогаш и со месеци и кои остануваат најстрого чувана тајна до почетокот на карневалот.


Формула 1 во Вевчани

Вечерта безграничниот театар продолжува со посета на карневалските групи на домаќинствата и познатите  вевчански извори.  Во недела манифестацијата продолжува со василичарско оро средсело и ќе заврши со македонско-украинска вечер и избор на зимска убавица.


една од многуте оригинални идеи на вевчанци

Вевчанскиот карневал  е стар 1.400 години, колку и селото Вавчани, и е интересна комбинација на паганското и модерното. Од 1993 година Вевчанскиот карневал е член на Светската федерација на карневали.

Течат и последните подготовки за карневалот во охридското село Куратица, каде секоја година се поголем е бројот на посетителите. Оваа година карневалот во Куратица кој традиционално се одвива вечерта на 13 спроти 14 јануари, се очекува да присуствуваат околу 2500 посетители.


Од карневалот во Куратица

Горан Момироски