Идентификување на локални туристички атракции, обуки за туристички работници, студиски посети на тур-оператори и новинари, видео спотови и подобрување на туристичката инфраструктура беа дел од активностите на проектот „Кон алтернативен туризам“ кој се реализира во рамки на програмата за прекугранична соработка меѓу Македонија и Албанија.
Во рамки на овој проект, во кој активно беше вклучена општината Вевчани, како што информира градоначалникот Цветомир Угриноски, поставени се клупи со маси, информативни табли и патокази за обележување на туристичките локалитети на планината Јабланица. Изградени се и видиковци за подбрување на туристичката инфраструктура на општина Вевчани, а во нивна близина обележан е и посебен простор за скара.
– На атрактивни места над Вевчани поставени се два видиковци на надморска височина од околу 1.100 метри. Откриени се нови, досега непристапни и непосетени локации, кои ќе бидат промовирани за туристите. Посетителите веќе почнаа да ги користата и да уживаат на овие места од каде што се гледа цело Охридско Езеро, изјави Угриноски.
Тој посочи дека во неспосредна близина на видиковците ќе поминуваат и велосипедските стази.
Покрај подбрување на туристичката инфраструктура, во рамките на проектот „Кон алтернативен туризам“ изработени се и промовирани видео спотови, флаери, брошури и веб страница за промоција на најзначајните туристички локалитети во пограничниот регион.
OhridNews
Извор:„МИА“