Како што изјави директорот на Агенцијата за млади и спорт Диме Илиев, ова тениско игралиште е изградено со тврда подлога на каква што се играат познатите турнири ширум светот, а има и рефлектори кои пружаат можност на него да се игра и на вечер.
-Игралиштето е дел од проектот „100 тениски игралишта“ и е 13-то по ред кое се отвара. Уште седумнаесет такви веќе се завршени и планирано е оваа година во употреба вкупно да бидат предадени 30 тениски игралишта, изјави Илиев.
Премиерот Груевски кој денеска престојуваше во работна посета на Вевчани, истакна дека ова тениско игралиште ќе биде ставено во функција на развој на спортот и најави дека наскоро во оваа општина ќе започна изградба и на спортска сала.
Груевски оствари средба со градоначалникот на Вевчани, Перо Илиески, на која се разговарало за проблемите околу изградбата на новото училиште. Премиерот на вевчанци им вети дека лично ќе се заложи тие да бидат надминати и изградбата која сега е во застој ќе продолжи во најбрз можен рок.
-Добрата соработка помеѓу општините и Владата помага и е предуслов за реализција на многу проекти. Во сите општини каде имаме добра соработка со градоначалникот и волја од негова страна да се соработува, да се гради заеднички во интерес на сите граѓани, таму има напредок и луѓето се задоволни. Вевчани е добар пример за тоа, каде разговаравме за проекти кои се започнати или наскоро треба да започнат, како што е училишната зграда каде за жал има мал застој, но тоа е наша задача во наредниот период тој мал застој да го откочиме и да продолжи заврши изградбата на училиштето овде.-рече Груевски
Груевски ги посети познатите Вевчански извори, од каде најави поддршка на туризмот во општината кој последните години бележи голем развој.