Двата дена во кои „се` е дозволено“ изминаа. Вевчанци на 13-ти и 14-ти Јануари секоја година ја слават, по нивно  – „правилната“ Нова година. А славјето е пресликано во КАРНЕВАЛОТ. Два дена низ Вевчани „шетаат“ бубароци, глупи августи, некојси чудни музичари, пирати, адами, еви, гангстери, луди дрвосечачи и што не. И се пие. Многу. Не знам дали може да се измери колку вино и ракија е испиено за 48 часа. Секоја куќа во селото на тие денови е отворена за секој добронамерник. Ќе ве послужат, се знае, најпрвин со една „топла“ (ракија). Па уште една. Има и вино, домашно. За јадење не бива без луканци и кашаник. Традиционалните „Зетот и Нестата“ (sic) ќе ве сретнат два-три пати бидејќи нивната „обиколка“ по куќи сигурно ќе се поклопи со вашата. Цело село, и старо и младо живее за тие денови. За „правилната“. За традицијата.

Многу Вевчанци се во странство, ама за карневалот, за празниците, секој доаѓа дома. Раскажувале гурбетџии (локален израз за луѓе што работат во странство н.з) дека ако не можеле од некоја причина за Василица да дојдат дома – „паѓале“ болни. Со месеци ги мачело тоа што не дошле.

Мештанинот Сашо Плушкоски се труди да објасни како се чувствува Вевчанецот пред и за време на карневалот:

„Не можам точно да ви објаснам“ – вели Сашо. „Како некоја сила, внатрешна, да те тера да се „барџаш“ (маскираш н.з.) иако пред тоа си велел дека оваа година само ќе гледаш. Некој „магнет“ те влече, да празнуваш, ги гледаш и другите како празнуваат. Необјасниво.“

Никој не знае ни од кога е така. Дедовци од дедовци не знаеле. За Вевчани има записи од пред 14 века. Веројатно тогаш и почнало нешто слично на карневалот денес. Пагански обичаи подоцна помешани со христијански. Во време на турското ропство, а и подоцна меѓу светските војни како и во време на социјализмот – се славело по куќи. Дефилето на маски на отворено е од понов датум.

Во „комунистичкото“ карневалот бил забрануван. Луѓе биле притворани поради такви активности. Слично како во Охрид за фрлање крстот. Но, традицијата ја одржал вевчанскиот инает, „державноста“. Може да се забележи фрапантна сличност во перцепирањето на карневалот и Василица кај секој Вевчанец. Имено – тоа е најважниот ден. За тоа се живее. Се забораваат и големата невработеност, и слабиот наталитет, и неквалитетната инфраструктура.


Од 1993 карневалот е член за светската асоцијација на карневали, се` повеќе гости доаѓаат да го видат, но и да учествуваат. Оваа година ТВ екипа од Австрија снимаше документарец на карневалот. Според информациите филмот ќе биде прикажан во 2008. Концептот на филмот би бил анти-глобалистички. Слично како ставот на „василичарите“. Сепак Вевчанци не се многу-многу по „лов“ на медиумска популарност. Си „тераат“ по свое. И оригинални се. Двата најважни дена во годината завршија. Денови весели, празнични. Вевчански.

Спаско Костоски