„Vevcani Green” е дел од престижната листа на најдобрите топ 100 приказни за зелени дестинации за 2022 година.

Секоја година, натпреварот Top 100 Good Practice Stories на Green Destinations собира одржливи туристички приказни и добри практики од дестинации ширум светот за да бидат споделени како инспиративни примери, а дестинациите добиваат признание за решенијата што ги имплементирале како одговор на предизвиците и проблемите со кои се соочуваат. Со оглед на тоа што туристичкиот сектор се соочува со многу предизвици во изминатите години, треба да се слави издржливоста и напорната работа на овие дестинации да станат поодговорни.

Во изборот за 2022 година беше вклучена и Општина Вевчани, со проектот за развој на одржлив туризам „Vevcani Green”. Апликацијата беше оценета од страна на Топ 100 тимот составен од експерти и партнери на Green Destinations. Комитетот на Топ 100 нагласува дека изборот на листата Топ 100 не значи дека дестинацијата е одржлива, туку дека е избрана врз основа на минимално ниво на усогласеност со основните критериуми на Green Destinations стандардот и проценката на нивната практика за одржлив развој, информира на фејсбук профилот градоначалникот Спасе Кочовски.

Здружението за одржлив развој и одговорни практики во туризмот, „Mustseedonia“, воедно и претставници на Green Destinations за Македонија, работи со општината и локалната заедница, и особено бизнисите од туристичкиот сектор, на нивно образование, обука и вклучување во методите и практиките на одржлив туризам преку програмите на Green Destinations. На овој начин, се поттикува развојот на Општина Вевчани како прва одржлива дестинацја во Македонија, модел кој ќе послужи како инспирација и ќе се преслика на други дестинации низ државата, додава Кочовски.

Преку создавање на платформа и визуелен идентитет за промоција на Вевчани како одржлива дестинација, како и креирање на “зелени продукти” значително ќе се подобри квалитетот и имиџот на самата дестинација, како и видливоста и интересот на одговорните посетители, потенцира Кочовски.

Натпреварот се одржува под покровителство на Топ 100 партнерство, со посебен придонес од: Green Destinations, QualityCoast, Travelife, ITB Berlin, Asian Ecotourism Network, Ecotourism Australia, Global Ecotourism Network, Sustainable First, GLP Films, и Future of Tourism Coalition.

Приказната „Vevcani Green“ и целата листа Top 100 Good Practice Stories за 2022 година е достапна на веб-страницата на Green Destinations.

OhridNews