Поради основано сомнение дека е сторител  на шест  кривични дела „Измама“, Полициската станица Струга поднесе кривична пријава против лицето Л.Н. роден 1951 година од Струга, вработен во фондот за здравствено осигурување-подрачна единица Струга. Истражен судија при Основниот суд во Струга му одреди мерка притвор во траење од 30 дена.
 
Пријавениот, како вработен во подрачната единица на Фондот за здравствено осигурување во Струга,  со намера за себе да прибави противправна имотна корист со лажно прикажување на факти, на шест лица од Струга им ветил стекнување со инвалидска пензија односно решенија за одредена категорија на инвалидитет и други услуги од фондот преку лично влијание врз членовите на лекарската комисија за инвалидитет во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија.

 Истиот, од март до јули оваа година, од шест лица од Струга примил вкупно 7.505 евра и 17.300 денари на кои им кажувал дека е во исклучително добри односи со докторите од инвалидската комисија во Скопје кои зачестено доаѓале во Струга. Притоа, тој им ја предавал документацијата и  парите по што  докторите вршеле пресметка на паричните износи како и разгледување на приложената документација. Пријавениот, граѓаните ги довел во заблуда и со лажно прикажување на хартија каде со свој ракопис испишувал решенија за добивање инвалидска пензија која наводно била пресметана од докторите-членови на инвалидската комисија од Скопје. Притоа, тој самиот, на оштетените им го одредувал денот  од кога се пензионери и им ја одредувал висината на пензијата потпиешувајќи се со свој потпис.
 
Против пријавениот, во Основното јавно обвинителство во Струга се води предмет за сторени кривични дела ,,Измама,, кои во текот на 2007 година ги извршил врз повеќе други лица. Се преземаат понатамошни мерки за идентификација и на други лица врз кои лицето Л.Н. сторил кривично дело „Измама“.

извор: СВР Охрид