Охриѓани го избраа својот градоначалник кој наредните две години ќе управува со градот. Со освоени 16.523 гласа и предност од повеќе од 3.800 гласа пред својот противкандидат, Константин Георгиески ја понесе победата, но и одговорноста во наредниот период да ги реализира дадените ветувања пред своите сограѓани.
Од среда со среќа, како што изјави Георгиески, седнува во градоначалничката фотелја, а со тоа започнува и одбројувањето на деновите од мандатот за исполнување на ветеното.
Меѓу најкрупните проекти кои ги вети Георгиески во предизборната кампања беше реконструкцијата на градскиот кеј, за кој е изготвен проект, издадено е одобрение за градба и изработена е Студија за оценка на влијанието врз животната средина и социјалните аспекти од реконструкцијата. Вкупната процената вредност на проектот е околу 1,3 милиони евра и за негова реализација планирано е да се обезбедат средства од алтернативни извори на финансирање, како што се фондови или програми кои поддржуваат развој на туристичката инфаструктура.
Со поддршка на Министерството за здравство, Георгиески информира дека конечно се преземени конкретни активности за изградба на нов објект на Здравствен дом на просторот во близина на охридската Општа болница, кој како што беше најавено, ќе биде изграден по сите современи стандарди. Во новиот здравствен дом треба да бидат сместени службата за итна медицинска помош, педијатри, одделение за инфузии, лабораторија, диспанзер за деца од предшколска и школска возраст, трудова медицина, служба за рендген, патронажна служба, како и концесионери стоматолози и детска стоматологија.
Георгиески вети и дека конечно ќе се реши проблемот со сообраќајниот хаос во градот преку изградба на две катни гаражи. Едната е предвидено да биде кај градскиот пазар, а другата во близина на Спортско рекреативниот центар „Билјанини Извори“ на улицата АСНОМ.
Во кампањата Георгиески вети и реконструкција на плоштадот Чинар, за што е изготвено идејно решение, а во завршна фаза е проектот за реконструкција.
Програмата на досегашниот кандидат, а сегашен градоначалник, предвидува и подобрување на условите за згрижување и воспитување на децата во градинките и подобрување на условите за настава во сите општински училишта. Најави изградба на нова градинка кај централниот објект, реконструкција на другите објекти, потенцирајќи дека за прв пат во Програмата за образование издвоени се околу 850.000 евра за 2019 година.
Георгиески вети и подобрување на патната инфраструктура во селските средини и градот, подобри услови за спортување, поефикасна општинска администрација, како и заштита на животната средина. Како што во повеќе наврати нагласи, ветените проекти се базирани на реални основи и се остварливи.
Славењето на победата заврши, очите на охридската јавност сега се насочени кон исполнување на ветеното.
Т.К.