Охрид сеуште ги брои штетите од вчерашнотото невреме. Според Управата за хидрометеоролошки работи силниот ветар кој го опустоши градот на моменти достигнал брзина од 119 км. на час. Вчерашното невреме е едно од најголемите во Охрид во последните петнаесетина години. Последен пат Охрид со ваква бура се соочи зимата 1996 година кога невремето речиси го уништи кејот и го поткопа градското пристаниште.

Вчерашното невреме зад себе остави вистински пустош. Настрадаа покривите на хируршкото одделение при општата болница и на спортската сала од ОУ „Св Климент Охридски“, но и многу покриви на индивидуални куќи и други објекти. Невремето корнеше дрва, но и огради и билборди. За среќа никој не настрада во страотната бура што неколку часа беснееше во охридско.


ветрот уриваше и билборди

Штетата од невремето во Охрид  допрва ќе се пресметува, но судејќи според последиците ќе бидат потребни големи средства за санација на уништените матерјални добра во градот.

Најлоша е состојбата во општата болница каде ветрот го одвеа лимениот кров од хируршкото одделение. „Да му заблагодариме на бога што нема жртви бидејќи на местото каде што падна кровот најчесто се паркираат автомобили на вработените и на пациентите“, изјави за ohridnews, д-р Томе Гиноски. Тој изрази надеж дека министертсвото за здравство соодветно ќе  реагира и штетата брзо ќе биде санирана.


Среќа никој што не настрада – д-р Томе Гиноски

И покрај големите оштетувања хируршкото одделение , како и другите одделенија од последното крило на општата болница функционираат нормално.

Горан Момироски
Васко Бујароски