Пожарот кај с.Плаќе на Илинска Планина, каде што беше опожарена рудина и сува трева, зафати предел од три општини: Охрид, Ресен и Демир Хисар. Пожарот е под контрола, но на места од ветерот повторно има избувнато пламен. На терен се припадници на противпожарни служби и ЈП Национални шуми кои вршат проверка и обиколка и го држат огнот под контрола информира Центарот за управување со кризи – ЦУК.
ЦУК информира дека изминатото деноноќие имало вкупно 23 пожари на отворен простор, од коишто 3 се уште се активни, 1 е под контрола, а 19 се изгаснати. Меѓу нив е и пожарот на Мауцкер на влезот од Охрид каде гореше ѓубриште. Опожарената нестандардна депонија е прекриена со над 200 м³ земја, со што пожарот кој почна петокот вечерта е неутрализиран.
Пожарите што ова лето беснеат низ Македонија предизвикаа огромни штети. Уништени се големи површини шуми, пасишта и природни живеалишта, а во огнената стихија настрадаа и многу животни.
Г.М.