Ветрот од југоисточен правец, кој вчера дуваше во охридско  го разбранува езерото и предизвика помали бранови,  во правец на стариот град и населбата Канео, како и на делови од струшкото крајбежје.

Жителите кои живеат во куќите од   првата линија до езерото велат дека ветрот кој дувал не бил толку силен и не неправил штети, но се плашат да не се остварат прогнозите на хидрометеоролозите, соопштени претходните денови, во кои се нагласуваше дека во охридско ќе дува ветер со брзина од 90 километри на час.

– Ако задува таков ветер, ќе биде страшно и може да предизвика штети. Но се надеваме дека нема да биде како што прогнозираа и дека езерото ќе се смири-велат сопствениците на неколку куќи, од првата линија на населбата  Варош.
 
Тие објаснуваат дека деновиве живеат во неизвесност, поради се поголемите прилози во медиумите, дека на Охрид му се заканува катастрофа.

– Опасност секако дека постои ние најмногу се плашиме, но не треба да се дига толкава паника за тоа. Се ни се чини дека почна да се претерува и дека политичариве го пренагласија проблемов, само заради политички поени. А страдаме ние. Наместо нас да ни дадат поддршка, да не заштитат, тие и кога  доаѓаат во посета, прво ги викаат медиумите, значи тоа го прават само да излезат на телевизија или да се пише за посетата во новина. Сега не можеш да кажеш кој од нив е поголем  “спасител”-коментираат деновиве жителите од охридското крајбрежје.

E.E.