Историјата не треба да е единствена тема во односите со Северна Македонија, но, Бугарите мора да бидат спомнати во Уставот, а преговорите за пристапување во ЕУ да се поврзани со бугарските барања. Ова се последните пораки што по обновената блокада од Софија на европскиот пат на Скопје, ги упатија највисоките бугарски официјални претставници во контекст на прашањето со Македонија.
Новиот бугарски премиер Кирил Петков, чиј прв чекор кон земјава беше потврдата на ветото за ЕУ, од Брисел вчера порача дека Софија треба да ја надгради својата позиција кон Скопје со работни групи, што не треба да биде политички чин, туку реален. Според премиерот на Бугарија, позицијата кон Северна Македонија е јасна и е втемелена во коалицискиот договор.
Историјата е важна, но, не може да биде единствена тема во билатералните односи. Интересот на Бугарија мора да се заштити, но и да се надгради. Треба да разговараме за инфраструктурата, железничката пруга од Софија со Скопје мора конечно да се случи. Во економска смисла – добро е што македонските бизниси можат да продаваат на бугарскиот пазар и соодветно, бугарските бизниси да бидат на македонскиот пазар, изјави Петков.
Според него, сите на Балканот се заградени, поделени, а толку многу може да се добие од таков процес. Кирил Петков додаде дека сака да се сретне со идниот премиер на Република Северна Македонија по неговата инаугурација. Најави дека Бугарија ќе го разгледа и повторно ќе го поднесе Планот за закрепнување и развој до ЕК.
Претходно, претседателот на Бугарија Румен Радев за време на престојот во Брисел за европското електронско издание Еуроактив изјави дека Република Северна Македонија мора да го промени својот Устав. Според Радев ова би бил чекор кон решавање на спорот меѓу Софија и Скопје.
Дополнително Бугарија најавува условување со контроверзните историски ликови, олеснување на бугарските инвестиции во Македонија, Коридорот 8, и прекин за барањето за признавање на „македонско малцинство“ во Бугарија, кое таа го смета за неосновано. Во документот Софија споменува „говор на омраза“ против бугарски граѓани во С Македонија. Кога, и доколку, започнат преговорите со ЕУ, Бугарија ќе инсистира на овие бројни услови и за затворање на поглавјата и кластерите.
Македонските власти сметаат дека рокот од шест месеци што го поставува Бугарија за решавање на спорните прашања за евентуално тргање на ветото за земјава и почеток на преговори за членство во ЕУ е предлог. Дополнително, посочуваат, не може да се вреднува дали одредена земја заслужува да биде дел од ЕУ само врз основа на успех или неуспех на историска комисија, туку врз основа на реалните критериуми според кои се почнуваат преговори и се влегува во Унијата.
OhridNews