Под мотото „Направи ветување ЗА МОЕТО СРЦЕ, ЗА ТВОЕТО СРЦЕ, ЗА НАШИТЕ СРЦА“, Специјалната болница за кардиоваскуларни заболувања Св Стефан“, во соработка со општина Охрид и црвениот крст и фармацевтската компанија Алкалоид, денеска, на централниот плоштад во Охрид го одбележаа Светскиот ден на срцето.
По тој повод беше поставен специјален шатор каде медицинскиот персонал од болницата за кардиоваскуларни заболувања Св Стефан“ вршеше превентивни прегледи на заинтересирани граѓани и одговараше на прашања поврзани со кардиваскуларното здравје.
Кардиоваскуларните заболувања се водечка причина за смртност во светот. Годишно од нив умираат 18. милиони луѓе. Македонија како и регионот, спаѓаат во земји со висок ризик и оттаму грижата за срцевото здравје е многу битна. Треба да се почне со мала физичка активност, здрав начин на исхрана, откажување од пушењето или намалување на внесот на алкохол. На Светскиот ден на срцето секој треба да си даде ветување, било да се работи за исхрана, физичка активност или неаков порок, дека ќе се бори да ги надмине проблемите и да создаде здрави животни навики, а се со цел подолг и поквалитетен живот. – изјави д-р Благовесна Фортомарова.
Светскиот ден на срцето, 28 септември, секоја година ги обединува здравствените работници, државните институции, здруженијата на пациенти, граѓанските организации, семејствата и поединците со единствена цел – подигање на свеста на заедницата и секој поединец, да се намали бројот на заболени од кардиоваскуларни заболувања.
OhridNews