Повеќе од 250 учесници, лекари и техничари по ветеринарна медицина, претставници на ветеринарните комори од девет држави, на факултетите по ветерина, агенции за храна и ветерина и субјекти поврзани со ветеринарната медицина, се дел од вторите Охридски ветеринарно-медицински средби, со кои се одбележува и јубилејот 30 години на Ветеринарната комора на РСМ.

Како што беше истакнато на собирот во Охрид, професионалната дејност на ветеринарните лекари постојано се надоградува, и не претставува само грижа за здравјето на животните туку и поврзаноста на нивното со здравејто на човекот. Ветеринарната медицина претставува фактор важен за секоја држава која се грижи за своите граѓани и за развојот на економијата, во која производството на храна има суштинско значење.

Главните активности на Комората, како што рече нејзиниот претседател Жарко Михајлоски, продолжуваат да бидат поддршка на професијата преку подобрување на стручноста, компетентноста и професионалноста на своите членови, но и заштита на нивните економски интереси. Тука тој ги посочи борбата за намалување на ДДВ-то на ветеринарните услуги, подобрување на цените за јавните овластувања што ги имаат ветеринарните друштва, подобрување на статусот на лекарите по ветеринарната медицина во земјата, афирмација на ветеринарната струка воопшто, подобрување на соработката со институциите и поголем слух на релеватните институции за состојбата на ветеринарната професија во државата.

Инаку, на Меѓународниот конгрес во Охрид ќе бидат одржани 13 предавања на актуелни теми од областа на ветерината, со предавачи и слушатели од повеќе држави од регионот и пошироко.

Во рамки на собирот синоќа беше одржана и Свечена академија по повод тридеценискиот јубилеј, на која беа доделени плакети и благодарници на институции и личности кои имаат дадено значаен придонес во развојот на Комората.

OhridNews

фото. МИА