Ветаранот на ОНА од липковскиот крај Абедин Зимбери смета дека нападот на полициската караула на Македонско-косовската граница кај Гошинце е лошо сценарио во политички цели и дека одредени медиуми очигледно ја подгреваат целата ситуација кон несакана екслација.

-Јас доаѓам од липковскиот крај. Таму е мирно и нема никакви вооружени лица. Нема шпанси да се активирале воени формации, а никој да не ги видел. Некој овде снима лош филм рече Зимбери во вечерашната емисија „Топ Тема“ на телевизија Телма. Тој додаде дека на народот не му е до војување и дека со оружје не може да се остваруваат цели во 21 век.

 

Генералот Стојанче Ангелов и лидер на Достоинство, ја повтори тезата искажана на 4-ти април дека на криминална група албанци, кои немаат врска со УЧК, и се дадени 2 милиони евра да направи инцидент со напад на безбедносните сили, а се со цел да се дефокусира јавноста од политичката криза.

-Во 2011 година УЧК имаше огнена моќ која не беше за потценување и покрај тоа тие не успееаја да завземат караула или полициска станица, а денес група од четириесетина луѓе која не може да се спореди со ОНА зазема станица. За тоа некој треба да сноси одговорност, а министерката за внатрешни да си поднесе оставка. По ваков инцидент специјалните единици требаше веднаш да реагираат и да го пребараат теренот, да откријат траги, бидејќи невозможно е 40 луѓе да не остават трага, ако водат кон Косово, требаше веднаш да се воспостави комуникација со тамошните власти. Но наместо да бидат во Липково два вода специјалци претпладнево го обезбедуваа протестот на Достоинство пред јавното обвинителство на кој учествуваа стотина граѓани, рече Ангелов.

Гостин во емисијата беше и поранешниот министер за одбрана Талат Џафери, припадник на ОНА во 2001 и пратеник од ДУИ. И тој искажа резервираност кон  целиот настан, посочувајќи дека засега нема доволно информации за истиот да може соодветно да се квалификува. Според него немилиот настан е на штета и на Македонија и на Косово, но најмногу на Албанците. Тој рече дека УЧК е расформирана во 2006 официјално и трансформирана во политичка партија, а Охридскиот рамковен договор е значаен документ кој се спроведува.

-Останува нејасно зошто се реагираше 12 часа подоцна. Начинот на кој се постапува во случајот не остава впечаток за професионално делување. Не би сакал да шпекулирам, но ова покажува дека соработката помеѓу Македонија и Косово не функционира или е прекината. Не е во интерес ни на Македонија ни на Косово да се случуваат вакви работи на границата.-рече Џафери.

Свое видување на инцидентот во емисијата даде и поранешниот директор на УБК Горан Митевски. Тој истакна дека е симптоматично што на караулата имало само 4 лица и начинот на кој напаѓачите делувале.

– Немало до сега упад, киднапирање, кршење на мобилни, туку гранатирање и напади на станици. Ова е прв ваков случај и некој треба од внатре да има сознание дека имало малку полицајци во караулата и дека немало патроли. Се укажува за еден вид сценарио, однапред подготвено, некој слободно влегол, како на филм. – рече Митевски. Тој изрази загриженост, посочувајќи дека доколку се повторат вакви инциденти, може да дојде до безбедносна криза, која според него би имала за цел да го одврати вниманието од политичката криза во земјата. 

Четворицата соговорници упатија апел за смиреност до граѓаните.

Инаку вечерва инцидентот во Гошинце го осуди косовското МНР. Настанот во телевизиско интервју го коментираше и косовската претседателка Јахјага која истакна дека на регионот му е потребен мир.

– Вакви инциденти никому од соседните земји не му се во прилог, посебно на овој дел од Западен Балкан. Сега секој е држава, создадена според сопствените уставни и законски рамки, фунционирајќи добро и ние секогаш треба да инсистираме на промоција на мирот и стабилноста на граѓаните, изјавила Јахјага во емисијата „Инфо магазин“ на телевизијата Клан Косова.

OhridNews