Прославената кошаркарка Весна Балазоска, а од неодамна и Милошевиќ година дена топката и тренерската палка во клубот Колибри ја замени со пелени откако на свет го донесе синот Милош.
Целото време Весна и слободното време од сопругот Славолјуб им го посветуваат на синчето кој наполни една година.
– Сонот на секоја девојка е да стане сопруга, а подоцна и мајка. Јас и мојот сопруг моментално го живееме нашиот сон. Сите обврски ни се сведуваат на Милош кој не ни остава ниту секунда слободно време. – низ смеа го започна разговорот со Ohrid News Весна и додаде. – Да, токму така буквално кошарката ја заменив со пелени, но не ми смета тоа туку уживам во моите нови животни задачи.
Таа ги посетува тренинзите во кошаркарската школа Колибри која повеќе од десет години успешно функционира во Охрид.
– Секое слободно време го користам заедно со Милош или сама да „скокнам“ до тренинзите во школата. И покрај моето отсуство школата функционира бескпрекорно бидејќи десет години се работи без никакво застанување. – потенцираше Весна.
Заштитниот знак на охридската женска кошарка го поздрави влегувањето на кошаркарскиот клуб АВ Охрид во Првата лига. – Конечно, во Охрид се појави човек кој од срце ќе ја сака кошарката . Вистинско уживање беше да се гледаат нивните мечеви организирани на едно високо ниво на кој може да им подзавидат сите кошаркарски клубови во Македонија. Во Првата лига ќе се соочат со големи предизвици, но гледајќи ја конструкцијата на екипата цврсто верувам во нив. – заврши Балазоска Милошевиќ.
Михаил Постоловски