Повеќе од 20 кајакари од различни возрасти ќе учествуваат на традиционален маратон „Весламе за ретките“ што утре ќе се одржи на Женска плажа во Струга во организација на хотел „Боград“ и спортско рекреативниот клуб „Соларис“.

Организаторите соопштија дека ќе се весла по левиот брег на Охридското Езеро со пресек на езерската граница со Република Албанија и финиш во селото Радожда.

И оваа година, по четврти пат учесниците ќе ја понесат пораката за поддршка и помош на лицата со ретки болести, но и ќе бидат нивниот глас во секојдневната борба, не само со болеста, туку и со општеството во кое се помалку наоѓаат внимание, порачуваат организаторите.

Претседателката на здружението „Ретко е да си редок“ Гордана Лолеска изрази благодарност за организацијата на настанот посочувајќи дека емпатијата кон оваа ретка заедница станува значајна алка за подигање на јавната свест не само во охридско-струшкиот регион, туку и низ целиот свет.

Нам не ни треба само февруари за да ја покажеме свеста дека постоиме и дека сме многу силни, горди… Нам со толку поддржувачи и малку ни се 365 дена, истакна Лолеска.

OhridNews