Веслачкиот клуб Југ од Охрид кој е формиран 1932 година се соочува со целосно згаснување, откако извршители на клубот му ја запленија целата опрема по загубениот спор со Дебарско-кичевската епархија за местото односно за хангарот во кој клубот ја чува опремата.
Поради празната сметка на клубот единствен начин извршителите да го наплатот долгот е запленувањето на опремата без која клубот не може да функционира.
– Денеска на 27 февруари во управата на Веслачкиот клуб Југ добивме известување за иселување односно примопредавање на објектот за кој што се води спор во последните четири години со Дебарско-кичевската епархија. На основа на судски трошоци ни се попишани нашите основни средства чамците, скифовите и дублите без кои не можеме да функционираме ние како клуб, а со тоа згаснува најстариот спортски клуб на вода на територијата од Општина Охрид формиран 1932 година. Со згаснувањето на веслачкиот клуб Југ официјално згаснува и Веслачката федерација на Македонија која е формирана од три клуба од Охрид, Струга и Дебар. Се надеваме на некаква позитивна разрешница да добиеме барем дел од основните средства за да можеме да ја продолжиме приказната за веслањето во Охрид и Македонија. Веслањето не е само спорт туку и репрезент на убавините од градот Охрид. Сите се сеќаваме во едно минато време какво беше Охридското езеро, накитено се кајчиња и едрилици, но во последно време не е така како што било некогаш. – рече Климент Наумов.
Побараната помош на клубот од државата и Општина Охрид не вродила со плод. – Долго време немаме некоја поддршка од државата, а од Општината пред одредено време ни ветија дека ќе го разгледаат нашиот проблем, но до ден денеска немаме добиено никаков одговор или пак решение како клуб да се иселиме некаде и да продолжиме без проблем да функционираме.
Спорот меѓу Дебарско-кичевската епархија и охридскиот клуб Југ е за хангарот во кој ги чуваат пловните објекти и е завршен во корист на тужителот. Инаку, хангарот изграден е 1947 година, а неколку пати потоа е надоградуван.
– Нашите сознанија се такви, дека овој случај е завршен, но ја користам оваа прилика да упатам еден апел до надлежните институции и до Оптшина Охрид да се најде решение и да не се дозволи еден од симболите на градот да згасне. Како што знаеме ние од клубот мал дел од местото му припаѓа на Дебарско-кичевската епархија многу повеќе како сопственик се појавува Република Македонија. Хангарот изграден е 1947 година со самопридонес од членовите на веслачкиот клуб Југ. Во 70-те, 80-те и 90-те е надогравуван, а последно хангарот е реновиран 2003 година со помош од донатори. – истакна Наумов.
Веслачкиот клуб Југ кој го изгуби спорот нема финансиски средства на својата сметка да ги подмири трошоците, па извршителите ја запленуваа опремата.
– Почетната сума беше 150 000 денари и судски трошоци која сакаше адвокатот на црквата да ги подмириме. Но, сега кружат некои суми над милион денари за камати, за извршителот, за награди и така натака. Пробано е во неколку наврати да се соберат првичните средства, но ние како клуб имаме празна сметка и неможеме да ги подмириме трошоците. Градоначалникот Никола Бакрачески и заменикот градоначалникот Ангел Јанев преговараа со надлежните, но не успеаја да изнајдат пожелно решение. Се надеваме дека нашата опрема ќе ги подмири трошоците, бидејќи во тој случај и должни би останале. Пред 15-тина години од Светската веслачка федерација добивме три чамци, но поради недостиг на средства да ги подигнеме тие во нашиот хангар пристигнаа пред четири години. Само што ги примивме ни се отвори случајот за местото каде ги чуваме чамците кои беа попишани и запленети. – потенцираше пред медиумите претставникот на веслачкиот клуб Југ.
Десет веслачи кои се членови во Југ ќе останат без клуб, а Охрид ќе се соочи со уште еден пораз кога се работи за водените спортови кои треба да се синоним и најголем презентер на градот во Македонија и светот.
OhridNews