Првите клинички тестови на луѓе покажале ветувачки резултати, пренесува „VOA“ – „Гласот на Америка“.

Голема студија на Националниот институт за здравје покажува дека одржувањето на нивото на шеќер во крвта на ниво што ќе нема големи флуктуации, може да ги намали или одложи компликациите поврзани со дијабетесот.  Меѓутоа, постојаното следење на нивото на шеќер во крвта е исцрпувачки, така што дури најдисциплинираните дијабетичари се во ризик од сериозни и компликации критични по животот, како срцево заболување, слепило, престанок на работата на бубрезите и ампутирање на екстремитетите.
 
Штетата што може да ја нанесе дијабетесот на човековото тело е резултат на неможноста панкреасот да произведе инсулин, хормонот што ја пренесува гликозата од храната до клетките. Бидејќи инсулинот е неопходен за преживување, дијабетичарите мора да го внесуваат по вештачки пат. Но, честопати ова е ризично. Премногу инсулин може да предизвика сериозни компликации, а премалку може да доведе до кома и смрт.
 
Со години, научниците работат на креирање на компјутеризиран, вештачки панкреас што постојано ќе го мери нивото на шеќер во крвта, по што електронски ја пренесува информацијата до пумпата за инсулин што автоматски ја доставува точната доза на хормонот. 

 
Хенри Анхалт е директор на програмата за изработка на вештачки панкреас во Корпорацијата Анимас.  Тој смета дека во целата постапка, не е потребен преголем ангажман од самиот пациент.  Пумпата за инсулин и направата за следење на нивото на шеќер во крвата оперираат независно.  Пациентот практично ја гледа бројката на нивото на шеќер во крвта, треба да пресмета колку јагленохидрати да внесе, а потоа да испрограмира колку инсулин треба да се испушти од пумпата.
 
Вештачкиот панкреас бил тестиран врз 13 пациенти, дијагностицирани со дијабетес еден, за време на 24-часовен период.  Анхалт вели дека апаратот работел исклучително добро при регулирањето на нивото на шеќер преку ноќ, најризичниот период за дијабетичарите, со оглед на тоа што токму тогаш може да се случи драстично намалување на нивото на гликоза.
 
Корпорацијата Анимас системот за вештачки панкреас го претстави на годишната средба на Американската асоцијација за дијабетес, што се одржа оваа недела.

VOA