Струшкиот ракометар Констанин Вешоски е трет ракометар кој официјално го напушти ракометниот клуб Охрид. Десниот бек кариерата ќе ја продолжи во францускиот клуб Монтелимар.
Новиот клуб на Вешоски се натпреварува во Третата лига по ранг во Франција, а пред стартот на сезоната има големи амбиции за искачување еден ранг погоре.
– Ова е мој прв ракометен ангажман надвор од македонските граници и секако дека е голем предизвик за мене. Потпишав едногодишен договор и се надевам дека ќе му помогнам на клубот во остварување на амбициите за влез во Втората лига. – изјави Вешоски.
Договорот со охридскиот клуб не го продолжија Бојан Белевски и Борче Соколов кои направија трансфери во Радовиш односно Зомимак.
Соиграч на Вешоски во Франција ќе биде Дарко Георгиевски „Оса“, кој неколку години е дел од францускиот ракомет.
Мх.П.