Десниот бек Константин Вешкоски е петто и последно засилување за охридскиот состав пред почетокот на новата сезона во Супер лигата.
Вешкоски во Охрид пристигнува од битолски Пелистер кој мака мачи со финансиските средства, а до постигнатиот договор задоволен е самиот ракометар.
– Прифатив да дојдам во РК „Охрид“ 2013 бидејќи станува збор за сериозен тим, кој има одлична екипа и огромна поддршка од општината и бизнис заедницата. Мотив плус за моето доаѓање беа и новите засилувања кои дојдоа во клубот, со што заедно со костурот на екипата се направи еден одличен тим кој има големи шанси за освојување на некој од високите места во лигата. Исто така сакам да се заблагодарам до шефот на стручниот штаб, Горан Андоноски за барањето јас станам дел од РК „Охрид“ 2013 – потенцираше Вешкоски.
Пред леворакиот ракометар потписот со охридскит клуб го ставија голманот Колев, бекот Печенковски, пикерот Трајчески и крилото Николиќ.
– Со доаѓањето на Константин Вешкоски заврши комплетирањето на екипата. Ние како управа успеавме да ги донесеме сите засилувања кои беа предложени од шефот на стручниот штаб и заеднички впечаток е дека оваа година РК „Охрид“ 2013 има одличен тим на кој се надеваме дека ќе постигне и одлични резултати во Супер лигата – рече првиот човек на клубот, Димитар Спасовски.
Мх.П.