Маша и Медо, ликовите од популарната руска анимирана серија за деца ќе гостуваат во Охрид на 19-ти април 2015 година, во рамки на претставата „Веселата Училница“.
Претставата која ќе биде изведена во Центарот за култура „Григор Прличев“ е наменета за деца од предучилишна и рана училишна возраст и е инспирирана од вечниот страв на децата од првиот училишен ден.
Претставата почнува од 12 часот, меѓутоа еден час порано на платото пред Центарот за култура ќе биде поставен импровизиран училишен двор каде дечињата ќе може да се фотографираат со Маша и Медо, но и активно да учествуваат во низа интерактивни игри.
-Целиот настан, освен забавен, има и едукативен карактер. Целта е низ репликите на учителот, учениците и Маша и Медо, децата од најрана возраст да се воведат во училишната атмосфера. Главната актерска екипа се состои од Марко Новески, Бојан Велевски и Соња Стамболџиоска, како и детските ликови Маша и Медо, Џеронимо Стилтон и полжавчето Доми. Претставата е во режија на Игор Ивковиќ, информираат од продукцијата „Сцена“ која е организатор на овој настан.
Влезниците се по цена од 150 денари со подарок боенка, а постои можност да се купат и комплет влезници по пониски цени.
OhridNews