Полемиките околу одлуката на Уставниот суд во врска со начинот на организирање на веронауката, не го одминаа ниту Охрид. На плоштадот Чинар неодамна се одржа мирен протест во знак на поддршка на веронауката во образовниот систем, а охриѓани учествуваа и на протетсот што се одржа пред Уставниот суд во Скопје. За веронауката деновиве се дискутира дома, на работа, во друштво. Темата е актуелна, колку што е и поделеноста меѓу граѓаните. Од една страна се подржувачите на веронауката во образовниот процес, а од другата страна тие кои сметаат дека за неа нема место во училиштата. Секоја од нив со свои аргументи за и против.

Дека поделеноста меѓу граѓаните по ова прашање е видлива говорат и резултатите од анкетата што деновиве ја спроведе нашиот интернет портал. На прашањето „Дали веронауката треба да се изучува во училиштата?“, 43% од читателите кои беа опфатени со анкетата одговориле дека не треба овој предмет да се изучува во училиштата, 39% сметат дека веронауката треба да се изучува во училиштата бидејќи не ја загрозува секуларноста на државата. Од анкетираните 9% сметаат дека изучувањето на  веронауката во училиштата е спротивно на Уставот, а идентичен е процентот на тие кои сметат дека во образованието за религиите треба да се учат само научните факти. Со анкетата беа опфатени 1490 читатели.

Отец Сашо Ристески, свештеник во парохијата „Свети Никола“-Долна Влашка маала, не се согласува со укинувањето на веронауката во образованието на младите.„Се прашуваме како е  можно во една православна земја, во лулката на православието, земја која е повеќе пати спомната и во Библијата, да биде укината верската поука во образовниот систем. Ние сме секуларна држава, но не сме и атеистичка“, вели отец Сашо Ристески.

На иста линија се и вероучителите и дел од родителите на учениците, кои сметаат дека веронауката како изборен предмет не ја загрозува секуларноста на државата и таа треба и натаму да се изучува во основните училишта, како што тоа е случај во четириесетина други држави во Европа.

Спротивно на ова,  дел од јавноста смета дека веронауката треба да ја организираат верските заедници во нивните храмови и дека таа не треба да се изучува во училиштата, бидејќи на тој начин се врши уште подлабока поделба помеѓу младите по верска основа, што е опасно за мултиетничка држава како нашата.