Голем број православни верници вчеравечер беа дел од празничната богослужба во Манaстирот „Свети Наум“ со која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство митрополитот Дебарско- кичевски господин Тимотеј. Верниците палеа свеќи за здравје и се поклонуваа пред моштите на Св. Наум, за кој се верува дека има чудотворна моќ.
Дел од верниците до Св. Наум пристигнаа со бродовите „Александрија“, кои по повод празникот до светилиштето пловеа по симболична цена, но голем број верници беа дојдени со своите автомобили или со организиран автобуски превоз.
Традиционално како и секоја година, во пресрет на големиот празник поветен на Свети Наум, во рамки на манастирскиоt комплекс се одржа и панаѓур на кој посетителите можеа да купат сувенири, храна и пијалоци, а празничната атмосфера беше надополнета со македонска музика.
Св Наум заедно со Св. Климент Охридски се ученици на славните светители Кирил и Методи. По завршувањето на Моравската мисија Св. Наум заедно со Св. Климент својата благородна мисија на ширење на словенската писменост и култура ја продолжиле во областа Кутмичевица на брегот на Охридското Езеро. Тие се основоположници на охридската книжевна школа.
Св. Наум освен по книжевната работа меѓу народот бил познат и како исцелител и за време на својот живот излечил многу луѓе претежно душевно болни. Познат е и како чудотворец бидејки направил и многу чуда, а некои од неговите чуда се претставени и на фреските од неговиот манастир како таа на која е претставен Св. Наум кој ги впрегнал заедно волот и мечката да ораат.Св. Наум се упокоил во 910 година.
OhridNews
Фото: Емилио