Голем број верници од вчеравечер и во текот на денот се упатуваат кон црквата Успение на Пресвета Богородица-Каменско и останатите верски храмови за да запалат свеќа во чест на празникот Мала Богородица и да се помолат за здравје и среќа.
Утрово и манастирот Рождество на Пресвета Богородица во Калишта блесна во сиот свој сјај и ги отвори широко портите за верниците.
Верниците се поклонуваат пред чудотворната икона на Богородица во црно, за која се верува дека има исцелителна моќ и е единствена на Балканот. За чудотворната моќ на иконата на Мајката Божја со црн лик, говорат преданијата кај локалното население.
Тука доаѓаат и христијани и муслимани да запалат свеќа за здравје и да се помолат. Се верува дека им помага на бездетните, а тоа го потврдуваат брачни парови кои немале деца и по добивањето пород доаѓаат да се поклонат и заблагодарат за дарот што го добиле. За нејзината моќ говорат и сведоштва дека жена инвалид станала од количката и проодела за време на една од литургиите во манастирот.
Рождество на Пресвета Богородица во Калишта
Во манастирскиот комплекс Рождество на Пресвета Богородица, сместен на брегот на Охридското Езеро, покрај истоимената црква, се наоѓаат и две пештерски цркви, посветени на Мајката Божја и свети Атанасиј Велики, како и црква посветена на „Свети Петар и Павле“, од каде извира лековита вода, што помага на луѓе кои патат од главоболки или имаат проблеми со очите.
Н.С.Ј.