Расправата на Комисијата за надзор на следењето на комуникациите, што се одржа вчера, донесе бурна дебата помеѓу пратениците од власта и опозицијата кои се мнозинство во комисијата.Особено жестоки беа охридските пратеници Цветко Грозданов од ВМРО ДПМНЕ и Томе Чингоски од СДСМ, кои расправата ја зачинија со зајадливи забелешки за нивниот статус во матичните партии.

Опозицијата во текот на расправата за Законот за внатрешни работи изнесе низа забелешки на предлогот изготвен од МВР, кој според неа има за цел да овозможи вработување на околу 2000 партиски војници во полицијата.

Отпорот на СДСМ кон предложениот закон според пратеникот Грозданов има поинакви мотиви од изнесените во текот на расправата. „Јас ја разбирам нервозата кај пратениците од СДСМ. Ги знам активности кој, што, колку и како сака да биде активен во дадениот момент, ја знам таа борба  за влезот во одредени тела во СДСМ, но ова е комисија каде што не треба да зборувате нешто што е неосновано“, им се обрати на пратениците од опозицијата Цветко Грозданов.


Цветко Грозаданов

На Грозданов му реплицираше пратеникот на СДСМ, Томе Чингоски. „ Ние овде присутниве членови на СДСМ ниту еден не се лактаме затоа што сме на високи партиски функции и тука остануваме каде што сме и немаме потреба да се лактаме. Мора да имате во предвид дека при нашето кандидирање за било кое партиско место или друго место што произлегува од партијата никогаш не сме биле отфрлени како некој од овде присутните што биле отфрлени“, рече Чингоски.


Томе Чингоски

По низа слични дуели и изнесени аргументи за и против, Комисијата за надзор на следењето на комуникациите во која членуваат двајцата пратеници од Охрид, го врати предложениот закон за внатрешни работи на доработка.

Ohridnews