Велосипедската тура низ 6 држави, која на 21-ви март стартуваше од Свети Николе во Македонија каде ќе биде и финишот на 5-ти април, ја заврши четвртата етапа во Осијек и денеска тргнува кон Нова Градишка.

На патот од почетокот до крајот на турата посветена на жртвите од Ковид-19, ќе бидат посетени повеќе места кои се значајни за нашата земја, а едно од нив е местото каде во 2007-та во сообраќајна несреќа животот го загуби непрежалениот македонски бисер, Тоше Проески.

Се се движи според планот, малку сме и пред очекувањата, со оглед на тоа дека наместо да се празниме, ние се полниме со енегрија со секоја нова станица. Времето на поминување на секоја рута е во доменот на предвиденото. Бевме во Лесковац, потоа во Велика Плана, поминавме низ Белград на патот до Рума, потоа низ Нови Сад на патот до Осијек, вели Александар Стојков, организаторот на Вера Тур и единствениот кој ќе ги помине сите 15 етапи, заедно со неговиот „ментор“ на ова патешествие, македонскиот велосипедист Кирил Марковски.

Вера Тур 2022 продолжува кон Нова Градишка

Во секое место бевме пречекани со аплаузи и со насмевки на лицата, тоа е она што сакавме да го доловиме и доживееме, вели Стојков додавајќи дека живееме во турбулентно време, кое ни ги идзеде човечките вредности, а ова несекојдневно велосипедско патување треба да ја разбуди хуманоста во сите нас.

OhridNews