Добитникот на Златниот венец на 49-те Струшки вечери на поезијата, бугарскиот поет Љубомир Левчев, е редок поетски феномен во современата европска и светска поезија, истакна претседателот на Македонската академија на науките и уметностите, Георги Старделов на поетскиот портрет за лауреатот што синоќа се одржа во катедралната црква „Св. Софија“ во Охрид.

Иако припадник на мала балканска литература со ограничена јазична дифузија, тој се проби на светскиот мегдан на поезијата и стана најпреведуван и најнаградуван поет. Седумдесет негови книги се издадени на речиси сите познати  јазици во 34 земји. Од друга страна Љубомир Левчев е носител на бројни балкански, европски и светски награди и признанија. Тој факт зборува за еден книжевен феномен во современата литература, пробивот на книжевноста на малите народи како интегрален дел на светската книжевност, рече Старделов.


Венцоносецот Левчев во своето обраќање искажа длабока почит кон македонската поезија, наука и култура и кон Струшките вечери на поезијата.

– Се уште верувам дека како што поезијата има потреба од животот, така и животот има потреба од поезијата. Судбината ми дала повеќе отколку што сум можел да возвратам. Македонската земја и македонското небо ми овозможија да ја достигнам нивната творечка магија и гордото слободољубие, истакна Левчев.


Добитникот на Златниот венец и претседателот Иванов

На поетскиот портрет во Св. Софија присуствуваа претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов,  претставници на дипломатскиот кор, поети, културни работници и академици.

Г.М.