Венеција ќе воведе систем резервации за еднодневни посети на центарот на градот, со цел да се намали прекумерниот метеж во времето кога гостите се враќаат во овој туристички град по паузата поради пандемијата.
Еднодневните посети ќе чинат од три до 10 евра, во зависност од периодот од годината. Целта на системот за платена резервација не е да го ограничи бројот на туристи во овој италијански историски град, туку да ги поттикне посетителите да ја посетат Венеција во помалку згуснат период од годината – кога цената на резервацијата ќе биде пониска.
Ќе почнеме со експериментална фаза во која резервациите нема да бидат задолжителни, туку по избор, и ќе бидат бесплатни, изјави локалниот претставник за туризам, Симоне Вентурини.
Однапред најавените еднодневни посети на Венеција ќе станат задолжителни во 2023 година, при што еднодневните посетители ќе треба да плаќаат надомест од три до 10 евра, во зависност од периодот од годината кога ќе го посетат центарот на градот. На посетителите кои доаѓаат на еднодневни патувања ќе им бидат понудени стимулации во облик на попусти на билетите за музеите. Датумот на стапување во сила на новиот систем ќе биде објавен наредниве недели.
Туристите кои ќе преноќат во Венеција и веќе ја плаќаат т.н. туристичка такса, нема да мора да ја плаќаат резервацијата.
Овогодишните велигденски празници привлекоа огромен број посетители, од кои 100.000 ноќеваа во градот, а 40.000 пристигнаа на само неколку часа да ѝ се восхитуваат на базиликата Свети Марко или „да здивнат“ на Мостот на воздишките, рече Вентурини.
Градоначалникот на Венеција, Луиџи Брунјаро смета дека системот за резервации е вистинскиот начин за порамномерно управување со туризмот.
Ќе бидеме првите во светот што ќе го спроведеме овој експеримент, напиша тој на Твитер.
Откако резервациите однапред ќе станат задолжителни и ќе ги заменат ненајавените туристички посети, влезот на посетителите во центарот на градот ќе се контролира на автобуските и железничките станици.
OhridNews