Охрид и Струга за првпат добија повратни вендинг машини за селектирање отпад. Во рамки на платформата “Наша Гордост. Наша одговорност.”, култниот македонски бренд на Пивара Скопје – СКОПСКО, ја најави најновата инвестиција во повратни вендинг машини за селектирање отпад. Оваа иницијатива ги обединува напорите за општествено одговорно делување и заштита на животната средина и во целост ги поддржува заложбите на Пивара Скопје за одржлив развој во рамки на платформата „Свет без отпад до 2030 година“, како и намалување на нето јаглеродните емисии на компанијата до 2040 година.

Како компанија која постојано го следи фидбекот на своите потрошувачи, оваа инвестиција е директно инспирирана од барањата на жителите на Охрид и Струга. За првпат, овие два града добија вендинг машини од ваков тип, кои ќе придонесат за зголемување на еколошката свест и одговорност меѓу граѓаните.

Оваа иницијатива е огледало на нашата одлучност да придонесеме кон одржлив развој и да ги поддржиме локалните заедници. Платформата „Наша Гордост. Наша одговорност.“ е основа на нашите напори да ги интегрираме принципите на одржливост во секојдневието, и сме уверени дека оваа, како и сите претходни иницијативи, ќе донесат позитивни промени во општеството, вели Марта Завкова, сениор бренд менаџер за СКОПСКО во Пивара Скопје.

Оваа инвестиција е дел од кампањата за продажба на специјално обележаните шишиња СКОПСКО и СКОПСКО Smooth, преку која за секое продадено шише, 1 денар беше наменет за организирање на неколку акции и инвестиции во опрема за чистење, собирање и селектирање отпад и зачувување на животната средина и македонските знаменитости.

Како компанија која работеше на развивање и обезбедување на овие повратни вендинг машини, горди сме што придонесуваме кон значајното проширување на инфраструктура за селектирање отпад во Македонија. Нашата мисија е да создадеме услови за поефикасно и одржливо управување со отпадот, и овие вендинг машини за селектирање отпад се чекор напред кон тоа, вели Ико Брдароски, кој што е дел од менаџментот на компанијата Пакомак.

Вендинг машините за селектирање отпад се поставени во Охрид  во маркетот Тамаро на ул. „АСНОМ“ бр. 21 и Т.Ц.Кам Вилиџ -Кам Маркет на „7 Ноември“ бр 179, додека во Струга во Генц Дуа мол – Кам маркет Р1201 Струга и Миса Маркет Елпида Караманди-„Цветан Димов“(поранешен Тинекс) Струга.

OhridNews