На денот на вљубените во Тајланд, над 40 двојки се венчаа качени на грб на слон. Групната свадба се одржа во тропската градина Нонг Ноч во областа Чонбури.

Слоновите со младенците беа дел од празничната поворка, во која имаше и музичка група, како и млади слонови кои „танцуваа“ на звуците на музиката.

Тоа е нешто што ќе го паметиме цел живот. Се венчавме во тропската градина, јавајќи слонови облечени во тајландски традиционални носии, на овој посебен ден. Многу сме среќни, изјави една од невестите.

Шефот на тропската градина вели дека местото кое живее од туризмот, е силно погодено од корона-пандемијата и бројот посетители е значително намален.

– Овие слонови останаа без работа, но ние сепак ги тренираме секој ден. Ова е среќен ден и за нив, не само за младенците, изјави управителот Кампон Тансака.

Пред три години Тајланд го посетиле рекордни 40 милиони странски туристи, од кои една четвртина од Кина. Но, бројот на пристигнувања драстично опадна лани поради антиепидемиските ограничувања и строгите правила за влез во Тајланд.

 

OhridNews