Славниот Вембли стадион драматично го промени својот изглед-наместо трева таму сега се наоѓа автомобилска писта на која возачките способности ќе ги одмерат Михаел Шумахер, Дејвид Култхард, Маркус Гронхолм и други.


Вембли претворен во рели патека

Се работи за Трката на шампионите на која настапуваат најдобрите светски возачи на  кружни и рели трки. Трката ќе биде особено тешка за Култхард затоа што негов партнер требаше да биде Колин Мекри, победник на Светскиот куп во рели, кој заедно со својот син и двајца семејни пријатели загина во хеликоптерска несреќа пред неколку месеци. Култхард и Мекри требаше на трката на 16 декември и да ги бранат боите на Шкотска. Наместо Колин на трката ќе настапи неговиот помлад брат Алистер, исто така врвен рели возач.

„Трагично е што Колин Мекри нема да биде овде. Баш заради него почнав да настапувам на ова натпреварување“ вели Култхард и додава дека возењето и карактеристиките на патеката на ова натпреварување на ниеден начин не потсетуваат на Фомула 1 и не може да ја совлада без помош од Колин.„Грозно е што нема да биде тука, но овде е неговиот брат. Без оглед на тоа кој ќе победи, добро ќе се забавуваме и ќе му одадеме почест на Колин. Среќен сум што го познавав“заклучува Култхард.  

Јасминка Т. Момироска