Над педесеттина учесници денес во Охрид го одржаа велосипедското дефиле низ градот со што Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата-Охрид активно се вклучува во Републичката кампања „Подобрување на безбедноста на велосипедистите во сообраќајот“.
Во дефилето учествуваа преставници од локалната самоуправа предводени од заменик градоначалникот Ангел Јанев, членови на велосипедски клубови од Охрид, велосипедската полициска патрола при СВР Охрид, претставници на Црвениот крст од Охрид, велосипедисти од школските центри, најмладите од градинките како и граѓани-вљубеници во велосипедизмот.
Дефилето има за цел промоција на велосипедизмот како здрав спорт и како форма на сообраќај посебно во делот на подобрување и подигнување на јавната свест за поголема безбедност на велосипедистите како ранлива категорија учесници во сообраќајот, рече пред стартот претседателот на Општинскиот совет за безбедност во патниот сообраќај Стефан Димоски.
Нагласувајќи го значењето на урбаниот велосипедизам, заменик градоначалникот Ангел Јанев рече дека локалната ќе настојува да се подобри велосипедската инфраструктура и да се подобрат условите за возење велосипед во градот. Тој рече дека сообраќајната едукација мора да се одвива интензивно пред се со младите генерации бидејќи велосипедот е едно од најкористените средства, најздраво и најефтино во секојдневното движење и во доаѓање до локациите каде што треба.
„Велосипедистите се присутни на улиците во градот тие ги почитуваат правилата и прописите, меѓутоа возачите се во најголема мера кои што не даваат доволно предност и не водат доволно сметка за велосипедистите“, рече членот на Републичкиот совет за безбедност Љупчо Ставрески.
Денешното велосипедско дефиле е една од почетните активности на неодамна оформениот Општински совет за безбедност во сообраќајот на патиштата-Охрид чиј нов претседател е м-р Стефан Димоски. Пред неколку дена, беше иницирана средбата со претставниците на охридските мото и велосипедски клубови како ранлива категорија учесници во сообраќајот. Тогаш беше нагласено дека СВР Охрид во насока на зголемување на безбедноста во сообраќајот треба да манифестира пред се превентивни активности за афирмација на законската обврска за задолжително носење заштитен шлем при управување на моторцикл на патот и поинтензивни мерки за поголема безбедност на велосипедистите посебно во текот на туристичката сезона. Беше речено дека придржувањето кон оваа законска обврска е ефективен начин да се избегнат и намалат сообраќајните незгоди со тешки последици за велосипедистите, моторциклистите и нивните сопатници.
Иако се предложени измени но сеуште нема законска одредба за задолжително носење на заштитна кацига при управување со велосипед, на состанокот беше потенцирано дека заштитниот шлем и рефлектирачката опрема значително ќе ја зголемат безбедноста на велосипедистите што ќе придонесе за безбеден развој на велосипедскиот сообраќај во градот.
Од состанокот произлезе идејата за оформување на заеднички патроли од полициски службеници, моторциклисти и велосипедисти а посебно беше потенцирана потребата од превентивни кампањи за подигнување на сообраќајната едукација не само на оваа категорија туку и на сите учесници во сообраќајот.